Кошта: Време е за изградба на „Европа на одбраната“

Лидерите на ЕУ на неформалниот Самит на Унијата постигнаа напредок во дискусиите за изградба на „Европа на одбраната“, изјави доцна синоќа претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта по завршувањето на средбата на шефовите на држави или влади на членките на ЕУ што се одржа во Брисел.  

- Се водиме од заедничко чувство на итност. Веќе не разговараме за „ако“, туку разговараме како да го направиме тоа, истакна Кошта, посочувајќи дека во дискусиите била потврдена цврстата посветеност на ЕУ на безбедноста на Украина и на постигнувањето сеопфатен, праведен и траен мир, како и решеноста да продолжи поддршката за земјата онолку долго колку што е потребно. 

Кошта нагласи дека со дискусиите на Самитот лидерите им дале политички насоки на Европската комисија и на Советот на ЕУ за капацитетите, за финансирањето и за односите на ЕУ со НАТО, САД и Велика Британија при изработката на „Бела книга за одбраната“.  

- Форматот на оваа средба ни овозможи да имаме искрена, отворена и слободна дискусија. Сега, дојде време да се направи избор и да се носат одлуки, додаде Кошта на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и полскиот премиер Доналд Туск, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.