Кошта на неформална вечера со лидерите на Западен Балкан

Во Брисел неформална вечера на лидерите од Западен Балкан - Мицкоски на тет-а-тет разговори со Марта Кос и Антонио Кошта. 

На само два дена, откако Антонио Кошта ја презеде палката од Шарл Мишел за да претседава со Европски Совет во следните 5 години, организира вечера со регионот. На неформалниот состанок, ќе присуствуваат и новата шефица на европската дипломатија Каја Калас, но и еврокомесарката за проширување Марта Кос. 

Засега нема детали за пораките кои ќе бидат пренесени, но според прес службата на Кошта – целта на состанокот е да се даде нов замав на односите со регионот и да се испрати сигнал дека за претседателот на Европскиот Совет - Западен Балкан ќе биде еден од приоритетите.

И додека во Брисел се собираат лидерите на земјите од Западниот Балкан, премиерот Мицкоски, зад затворени врати,  на едночасовна билатерална средба со со новата еврокомесарка за проширување Марта Кос. Тет а тет разговорот се случува на само една недела откако Кос, веднаш по нејзиниот избор во Европарламентот, порача дека се потребни уставни измени - ништо помалку и ништо повеќе. Таа тогаш изјави дека не е личноста која треба да даде гаранции за процесот на евроинтеграции, дека потребни се разговори со Скопје и Софија и најави дека ќе го посети регионот. 

Мицкоски вечерва средба ќе има и со Антонио Кошта, а потоа ќе се придружи на вечерата организарана од претседателот на Европскиот Совет.  

Поканети се претседателите на Косово, Србија и Црна Гора - Вјоса Османи, Александар Вучиќ и Јаков Милатовиќ, претседавачката на Претседателството на Босна и Херцеговина и премиерите на Албанија и на Косово, Еди Рама и Албин Курти. 

Неформалната вчера во Брисел е претходница, но и можност за подготовка на самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи на 18-ти декември.