Корупција во јавните набавки
Вредноста на државните тендери надмина 1,5 милијарди евра, што претставува зголемување за цели 35 отсто повеќе на годишно ниво. Извештајот на Центарот за граѓански комуникации покажува дека дури 51 отсто од компаниите кои учествувале лани на јавните набавки сметаат дека има корупција, а 23 отсто од фирмите потврдиле дека лично се соочиле со корупција.
Наодите од итражувањето покажало и дека фирмите меѓусебно се договарале како да настапат, како да ја спуштат цената на набавката. Прв пат по осамостојувањето, корупцијата станува проблем број еден со кој се соочуваат граѓаните, вели за ТВ24 Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации и додава дека тоа е знак дека луѓето го препознаваат проблемот со корупцијата, а тоа е прв чекор кон негово решавање.
„Борбата против корупцијата вклучувајќи ја корупцијата во јавните набавки мора да се води од сите институции. Тоа е систем тоа е синџир, и не може една институција да се бори а други три да не се борат. Таму има многу институции, освен Државниот завод за ревизија, и Антикорупоциската комисија кои се поактивни, имаме Комисија за заштита на конкуренцијата, имаме финансова полиција, владата има свои механизми, и да не ги зборувам фамозните Обвинителство и Судство.“ - Герман Филков Центар за граѓански комуникации.
Дека расте сомнежот за наместени јавни набавки говори податокот дека вредноста на тендерите каде имало само една понуда, или конкурирала само една фирма достигнала тешки 500 милиони евра. Филков додава дека загрижува фактот што се помалку компании учествуваат на државните тендери, со што драстично се намалува конкурентноста во самиот процес. За лани просекот падна и под три фирми, односно 2,7 фирми конкурирале за една јавна набавка од државата.
„На секоја трета постапка за јавна набавка или тендер имаме само по една понуда, што значи дена нема избор, се избира само таа, а што значи лошата или ниската конкурентност на јавните набавки, значи дека се купува по високи цени, а низок квалитет што значи нерационално трошење на нашите пари. 500 милиони евра се трошат на набавки со една понуда.“ - Герман Филков Центар за граѓански комуникации.
Информациите велат и дека постојат и големи разлики на цени кои ги плаќале институциите за идентичен производ. Како за пример истата лиценца за компјутерски софтвер една државна институција го платила 100 евра, а друга речиси 400 евра. Во однос на вредноста лани на јавните набавки на локално ниво, таа е зголемена за дури 40 отсто во однос на 2022 година. А само десетина компании добиваат 25 отсто од целата вредност на јавните набавки во државата.