Корона пандемијата ја покачи смртноста во земјава
Foto

Корона пандемијата ја покачи смртноста во земјава

За 15 проценти е зголемен бројот на починати граѓани ова лето, во споредба со минатото. 

Според извештајот на Државниот завод за статистика, во месеците јули, август и септември минатата година починале 719 граѓани повеќе од истите месеци во 2019 година. Во извештајот не е наведена причината за поголемата смртност, па нема потврда дека зголемувањето се должи на епидемијата со коронавирус. Загрижувачка е и бројката на природниот прираст, кој од крајот на 2019 година е во постојан минус, односно во земјава има повеќе умрени од родени. 

Последен пат позитивен тренд е забележан во јули, август и септември 2019 година, кога имало 724 повеќе родени од починати. Во истиот квартал лани има 278 повеќе смртни случаи од раѓања.

Државниот завод за статистика се уште нема објавено податоци за починатите во последните три месеци од минатата година, кога имаше и најголем број смртни случаи од ковид-19. Тогаш, според Министерството за здравство од вирусот починаа 1506 граѓани.

Сепак, ако се споредат првите девет месеци од 2019-тата, со истиот период лани, кога како последица од ковид-19 починаа 743 граѓани, се забележува зголемување на смртноста од само 1 процент. 

Мерките за заштита од коронавирусот и забраната за организирање големи свадбени веселби  придонесоа и за криза во склучувањето бракови. За речиси 13 отсто помалку брачни заедници се склучени ова лето, во однос на минатото. Во истиот период е забележано зголемување од 8,5 отсто кај разводите.

Откако пандемијата ќе заврши, реално е да се очекува дека бројот на склучување бракови нагло ќе се зголеми. Но, историјата покажала дека после секоја голема криза, рапидно се зголемуваат и разводите, како резултат на порастот на семејното насилство за време на кризата, но и на порастот на самодовербата кај луѓето.

После Скопје, најмногу склучени бракови минатото лето се забележани во општините од северозападна Македонија, каде што процентуално има и најмногу рaзводи.

0 Коментари

Остави коментари