КОРДАЛОВ: КРАЈНО ВРЕМЕ Е ЗА НАЦИОНАЛНА ПЛАТФОРМА ЗА ПОДДРШКА НА ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА
Foto

КОРДАЛОВ: КРАЈНО ВРЕМЕ Е ЗА НАЦИОНАЛНА ПЛАТФОРМА ЗА ПОДДРШКА НА ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА

„Крајно време е за национална платформа за поддршка на дигитализацијата. Но, тој процес треба да биде заеднички и натпартиски, бидејќи не смееме да одложуваме нешто кое од врвен интерес за секој граѓанин. Затоа ни е неопходна национална платформа за водење на одржлив процес на дигитализација во секоја сфера. Не смееме да губиме ниту ден во овој процес, особено во услови кога се најавува можен втор бран од коронакризата.“ – изјави Боjан Кордалов, специјалист за односи со јавноста и нови медиуми во вечерашното гостување во „Отвореното студио“ на Телевизија 24.

Кордалов верува дека оваа Влада составена од партии од власта и опозицијата ќе го препознае моментот, ќе се стави над дневната политика и ќе започне со спроведување на натпартиски процес на дигитализација. Тој посочува дека доколку на сето ова се додадат и очекувањата на здравствените власти за можен нов бран на мерки предизвикани од коронавирусот, тогаш несомнено потребно е да се преземе нешто на овој план уште веднаш.

Во продолжение, поентите од вечерашното гостување на Кордалов:

- Дигитализација на образованието (пр. прилагодување на наставата на дигитални извори и платформи за време на наставата и домашните работи; изработка на курикулум за дигитална писменост и заштита од онлајн ризици за учениците во текот на целото образование...)

- Дигитализација во здравството (пр. дигитализација насочена кон персонализиран пристап за секој граѓанин што ќе овозможи поефикасни здравствени услуги, како и поефикасен третман, намалување на грешки и подигање на свест за заштита на здравјето на луѓето; мобилна апликација која ќе овозможува брзо закажување на термини за редовни контроли наменети за сите граѓани...)

- Дигитализација во заштитата на животната средина (пр. дигитални уреди кај инспекторите за лесно откривање на потенцијалните загадувачи и нивно дигитално поврзување на јавна платформа...)

- Дигитализација во делот на внатрешните работи и заштита на безбедноста во сообраќајот (пр. дигитализација на паркинзите и улиците со цел неселективно казнување на прекршителите по пат на e-пошта или достава на домашна адреса со што ваквиот пристап се очекува да ја намали и гужвата во сообраќајот и позитивно да влијае на екосистемот; мобилна апликација преку која граѓаните ќе добиваат известување за закажан термин за лични документи пред истекот на нивниот рок и истиот ќе можат да го прилагодуваат на своите потреби...)

- Дигитализација во делот на трговијата (пр. поддршка за бизнис заедницата во имплементирање на е-трговија како можност македонската економија да се отвори и заработи на светскиот пазар...)

- Дигитализација во делот на поддршка на младите (пр. поддршка од страна на државата за активна фриленс работа на младите преку глобалните мрежи и поттик заработените пари слободно да ги вложуваат во домашните банки и економија...)

- Дигитализација преку преквалификација (пр. Многу поголем обем на бесплатни курсеви за преквалификација на заинтересираните граѓани во ИТ индустријата – според сите статистики на ДЗС платите во оваа индустрија се едни од најбараните и најголемите со просек од околу илјада евра...)

- Дигитализација во локалните самоуправи (пр. апликација која ќе ги сумира сите проблеми кои ги пријавуваат граѓаните, ќе овозможува активно следење во реално време од страна на медиумите и јавноста на процесот на нејзина реализација и можност за поставување на дополнителни прашања и коментари...)

0 Коментари

Остави коментари