Контраверзни имиња во комисијата за правосуден испит од 2015

Лидија Неделкова, Иџет Мемети и Јово Вангеловски биле дел од комисијата за правосуден испит во 2015 година, кога со спорни уверенија од Универзитетот на Југоситочна Европа на студенти им било дозволено да полагаат правосуден испит предвреме, меѓу кои и синот на собранискиот спикер Талат Џафери. Ова го покажуваат документите од Министерството за правда до кои дојдоа дел од медиумите, а според кои, во комисијата членувале и Фаик Арслани, Николчо Николовски и Александар Алексовски.

На чело на Комисијата, според документите, била Неделкова, која беше претседателка на Кривичниот, а потоа и на Врховниот суд. Таа во 2021 година беше разрешена од страна на Судскиот совет поради несовесно и ненавремено извршување на работата, како и повреда на Судскиот деловник. Во 2017 година, таа доби тужба од Вангеловски, а во годината кога беше разрешена, Неделкова го тужеше Вангеловски поради тоа што не ѝ исплатил додаток на плата.

Гласот на Вангеловски пак, кој исто така беше претседател на Врховниот суд, можеше да се слушне во „бомбите“ кои Зоран Заев како тогашен лидер на опозицијата ги пушташе во јавноста. Неговиот глас се слушаше како комуницира со министри. Освен тужбата од Неделкова, Вангеловски се соочи со уште едно судење – за злоупотреба на службената положба и овластување, за што доби условна казна доколку во следните четири години не го повтори делото.

Арслани, кој беше в.д. претседател на Врховниот суд, се уште е судија во истиот, а Мемети по завршување на мандатот како народен правобранител, сега е член на Советот на јавни обвинители.

Овие информации доаѓаат на денот кога во Брисел, вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ го отвора билатералниот скрининг состанок за Поглавјето 23, „Правосудство и фундаментални вредности“- што е ренген слика за целокупните состојби во правосудството.

Опозицијата денеска со реакција – институциите со денови молчат и се прават ненадлежни за скандалот со синот на Џафери, кој полагал правосуден испит пред да стекне соодветно образование.

ВМРО-ДПМНЕ

„Ова е директно кршење на нормите и законите во Македонија, а да биде поапсурдно на тој начин лицето се запишал и на Академијата за судии и обвинители. Со неправо влегол во правосудниот ситем и ќе дели правда?!“

Вчера министерот за правда Никола Тупанчевски пред медиумите образложи дека се работи за примена на дискреционо право на некој фунцкионер, иако законот сега е променет и мора да се заврши соодветното образование пред да се полага правосуден испит. Не конкретизираше ниту дали треба да се одземе правосудниот испит на сите лица кои го полагале предвремено. Антикорупционерите пак, контра Тупанчевски – дискреционо право не постои во законот, а во претходниот закон било наведено и дека следува казна ако некој полага пред време. Претсдетакта на Антикорупциска, Билјана Иваовска беше прилично остра - дискреционо право е основен извор на корупција.