Консултации на владината коалиција за модифицираниот француски предлог
Модифицираниот француски предлог на увид во Македонија. Го видоа владините коалициони партнери, а потоа и официјално се објави на веб страницата на Владата. Коалицијата разговараше два ипол часа.
Заеднички став не донесоа, но според премиерот Димитар Ковачевски, имало конструктивна дебата и државнички ставови од сите лидери. На коалицијата сите детали им ги соопшитле министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот Бојан Маричиќ.
Ковачевски по средбата вели, владата ги задржува цвените линии и останува на ставот – Јасно и недвосмислено признат македонски јазик, но и преговарачка рамка без протоколот во неа. По средбата со коалицијата, Ковачевски најави дебата по предлогот на официјален Париз во Собранието, но и со опозицијата и невладиниот сектор.
Според вицепремиерот Бојан Маричиќ, историските прашања нема да бидат дел од преговарачката рамка. Вели, за Европската Унија е најважно да се прифати предлогот и Македонија да ги започне преговорите.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи најави широка дебата, по која ако има заеднички став, ќе има и прва меѓувладина седница. Пакетот според Османи, Треба да се усогласи во МНР, а потоа владата да го одобри.
Пред средбата, лидерот на ДС, Павле Трајанов побара расправа во Парламентот, а потоа и референдумско изјаснување на граѓаните, додека пак според лидерот на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски, треба да му се даде шанса на предлогот. Ковачевски пак, без конкретен став за референдум - вели граѓаните веќе се изјасниле дека се за влез во Европската Унија.
По првичниот француски предлог, дел од коалицијата на СДСМ најави излегување од владејачкото мнозинство доколку истиот биде прифатен. По неколкудневен молк, премиерот Димитар Ковачевски во Брисел посочи дека онака како што беше поставен предлогот, за Македонија е неприфатлив. Една недела подоцна, во Скопје стигна модифицираниот предлог, а за кој се согласила и официјална Софија.

