Kонститутивна седница на собранието на Србија
Foto

Kонститутивна седница на собранието на Србија

Конституиран новиот Српски парламент со полагање заклетва на народните пратеници. Со седницата претседаваше најстарата, 91 годишна пратеничка Смилја Тишма која претходно констатираше дека комисијата за верификација направила извештај за спроведените избори и дека сите 250 пратенички уверенија се во согласност со извештајот на Републичката изборна комисија, како и дека се исполнети условите за потврдување на мандатите на сите пратеници. Седницата се одржа со мерки за заштита од епидемијата на коронавирус.

На пратениците и на сите присутни на седницата им беше измерена температура, а мораа да носат маски и ракавици, додека пратениците имаа прегради од пластика. Според резултатите од изборите, кои беа бојкотирани од поголемиот дел на опозицијата собрани околу коалицијата Сојуз за Србија, листата „Александар Вучиќ – за нашите деца“ на Српската напредна партија има 188 пратеници, листата на Социјалистичката партија на Србија и Единствена Србија  има 32 мандати и изборната листа СПАС на Александар Шапиќ има 11 пратеници.

Останатите пратенички места им припаднаа на малцинските партии во Србија. Од конституирањето на новото свикување на Собранието почна рокот од 90 дена за формирање на новата српска Влада, која според српскиот претседател Александар Вучиќ, треба да биде формирана до крајот на овој месец.

Додека во Собранието на Србија се одржуваше конститутивна седница, пред парламентот имаше протест организирани од движењето „Доста Беше“, а српската полиција се обиде да го казни лидерот Саша Радуловиќ бидејќи сообраќајот пред Парламентот беше блокиран. 

„Ова е голем срам. Ова е фалсикувано Собрание, има фалсификувани пратеници, па е нормално во страв од народот да влезат во зградата во седум наутрокако крадци. Порачиваме дека станува збор за фалсификат.“ - изјави Саша Радуливиќ – претседател на „Доста беше“.

„Го браниме Уставот од злоупотреба и кршење на законот пред се од претседателот на републиката. Присуствуваме на незапаметена фарса, триумф на срамот.“ - вели учесник на протестот.

Радуловиќ рече дека доаѓаат тешки теми и дека Вучиќ, откако ги фалсификуваше изборите и доби двотретинско мнозинство, ќе оди на потпишување на правно обврзувачкиот договор со Приштина. Опозиционерите фрлаа јајца и домати во зградата пред Домот на Народното собрание на Србија, кога пратениците излегуваат од него.

0 Коментари

Остави коментари