Конститутивна седница на новиот состав на советот на град Скопје

Првата конститутивна седница на Советот на Град Скопје не помина без драматични сцени за јавноста. Четворицата советници на Левица, иако ја потпишале изјавата под Уставното име Република Северна Македонија сепак одлучиле да ја пречкртаат со пенкало придавката Северна.

ТВ 24 побара одговор и од советникот Владимир Нелоски од редовите на ВМРО ДПМНЕ дали ја потпишале изјавата под Уставното име или ја пречкртале. Нелоски одби да одговори – вели не ја политизирајте состојбата. Од неговата матична партија во име на Советниците од ВМРО ДПМНЕ со став дека  партијата продолжува да го употребува името Република Македонија. 

„Од позиција на локална самоуправа не може да се смени реалноста наметната од страна на Зоран Заев, приоритет таму е решавањето на локалните проблеми. ВМРО-ДПМНЕ во коресподенција со јавноста продолжува да го употребува името Република Македонија“. - велат од партијата на ВМРО-ДПМНЕ. 

И покрај овој став на партијата, новиот претседател на Советото на Град Скопје, Трајко Славески вели дека ја потпишал изјавата со Уставното име Република Северна Македонија. Тој денеска најави соработка со советниците и градоначалничката за проекти од интерес на Скопјани. 

Во делот на функционалноста на Советот дел од советниците велат дека ќе дадат поддршка на клучни теми од интерес на граѓаните. 

 

Поранешниот министер за финансии, Трајко Славески со 26 гласа за е избран за нов претседател на Советот на Град Скопје.Од вкупно 45 советници својот глас го дадоа вкупно 26 од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса за Албанците и Алтернатива како и советниците на ДОМ и ЛДП. За Славески не дадоа поддршка советниците на ДУИ и СДСМ, додека 2-та советници од иницијативата “Зелен хуман град“ останаа воздржани.