Конституенцата на ММФ и СБ: Народната банка e столб на макроекономската и финансиската стабилност

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводеа делегацијата на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународиот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), на која ѝ припаѓа нашата земја, а којшто годинава се одржува во Луксембург. Дел од делегацијата е и вицегувернерката Ана Митреска.

Како што соопшти Народната банка, на билатералните средби коишто ги остварија била потврдена улогата на Народната банка како столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.

За време на средбите со високите претставници од ММФ и Светската банка − Јерун Клик, Марникс ван Рај, Марк Хортон и Јуџин Ругенаат − се воделе плодни дискусии за сегашните предизвици на централните банки.

-Во рамките на дијалогот беше истакната важноста на координацијата меѓу централните банки и меѓународните финансиски институции за унапредување на финансиската вклученост, дигитализацијата на финансискиот систем и унапредувањето на регулативните рамки. Се разговараше и за начините на кои Народната банка ја поддржува макроекономската стабилност преку ефикасно управување со монетарната политика и силна регулаторна улога, се наведува во соопштението.