Концертна промоција на албумот „Afro Gitano“ во Скопје
Македонската публика ќе има ретка можност да ја доживее концертната промоција на албумот „Afro Gitano“, заеднички проект на Тони Китановски, легендарниот Баба Сисоко од Мали и диџеј Гоце САФ. Станува збор за настан - дел од програмата на „Скопје дизајн вик“ (Skopje design week) што ќе се реализира денеска во „Јавна соба“.
- Овој необичен спој на африкански ритми, балканска душа и урбан електронски грув претставува автентично музичко патување што ги руши границите меѓу жанровите и континентите. Китановски вели дека „Afro Gitano е музика што се движи како реката, како луѓето, како слободата“. Албумот, снимен во време на пандемијата на три континенти и во шест земји, ја носи енергијата на спонтаноста и заедништвото. „Едноставно ќе пролета идеја што ни се чини добра, и тројцата се нафрламе на неа како мала глутница“, раскажува Китановски, откривајќи ја суштината на нивната уметничка хемија. За Баба Сисоко, кого Китановски го опишува како „музичар од највисок ранг и гриот кој со музиката придонесува за мирот на земјата“, оваа соработка претставува спој на духовноста на западноафриканската традиција и џез-импровизацијата, наведуваат организаторите.
Во проектот се вклучува и диџеј Гоце САФ, кој со својата хип-хоп енергија внесува современа урбана димензија.
Албумот е издаден од лондонска издавачка куќа.
- Настапот е дел од „Skopje design week“ - платформа што ги поврзува различните уметнички дисциплини. „Музиката е дизајн од невидливи треперења во воздухот и со тоа природно се вклопува во настанот,“ додава Китановски. Публиката може да очекува концерт исполнет со ритам, импровизација и слобода. „Сакам да си поминат убаво, да се изнаиграат без да им биде гајле за другите околу нив, и секој да си пее различна песна од нашиот репертоар на пат за дома - само тогаш ќе знам дека албумот е навистина добар,“ вели Китановски.

