Концерт „Звукот на идната генерација“ во Филхармонија
Foto

Концерт „Звукот на идната генерација“ во Филхармонија

Концертот „Звукот на идната генерација“ со студентите од државните факултети за музичка уметност ќе се одржи в четврток, во 20 часот во Филхармонија. Диригент е маестро Борјан Цанев, а на програмата се дела од Моцарт, Ботезини, Шосон, Сен-Санс, Розауро и Равел.

Како солисти ќе настапат студентите од трета и четврта година на Факултетот за музичка уметност во Скопје: Ана Спасовска – диригент, Кристијан Кожумановски – контрабас, Пандорка Јанакиева – флејта, Дарко Гроздановски – виолина, Анастасија Гичевска – пијано, Зорица Здравковиќ – вибрафон и Памела Велкова – виолина.

Добитникот на македонското признание „Најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во земјава. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во својата земја и во странство. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија. Цанев специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работи со реномираните диригенти сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а ќе биде поканет да му биде асистент-диригент на сер Колин Дејвис на Кралскaта оперска школа. Добитник е на наградата „Аугуст Манс“ за најдобар диригент токму на Кралскиот музички колеџ, за потоа да диригира со Лондонскиот симфониски оркестар како дел од мајсторскиот клас на сер Колин Дејвис.

Во наредните години маестро Цанев остварува многубројни концерти со Македонската филхармонија, како и со нејзиниот Камерен оркестар во земјава и во странство (Рим, Париз, Истанбул, Прага, турнеја во Полска, Загреб, Њујорк).Од 2002 година до денес е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Неговото успешно деби со Софиската филхармонија во 2004 година, му носи постојани ангажмани со овој виден оркестар, а во 2006 година е назначен и за негов постојан гостин-диригент. Во 2005 година Цанев дебитира во Македонската опера и балет, каде што следната година ја поставува премиерата на „Волшебната флејта“ од Моцарт.

0 Коментари

Остави коментари