Концерт „Re:Birth-Day – Освојување простори” по повод Денот на Факултетот за музичка уметност – Скопје

Со традиционалниот концерт, Факултетот за музичка уметност – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје денеска го одбележува денот од своето основање.

Концертот насловен „Re:Birth-Day – Освојување простори” ќе се одржи на неколку простори во зградата на Филхармонија. По повод прославата на денот на основањето на ФМУ, ќе се одржат повеќе концерти и во наредниот период во рамки на циклусот „Musica Viva” каде ќе настапат студенти од повеќе катедри.

На концертот, ќе учествуваат студентите, но и дел од професорите и уметничките соработници на ФМУ како Драган Даутовски, Кирил Туфекчиевски, Иван Иванов, Зоран Костадиновски, Гордан Спасовски, Ивана Коцевска и гостин од УГД Штип – Виктор Филиповски, кои за оваа пригода подготвија програма која содржи дела од богатиот класичен репертоар, но и современата класика, популарните жанрови, како и традиционална македонска музика.

Публиката ќе има можност да ужива и во изведбите на мешаниот хор „Драган Шуплевски”, камерниот оркестар „Солисти на ФМУ”, како и симфонискиот оркестар на ФМУ под палката на диригентите проф. м-р Сашо Татарчевски и проф. м-р Борјан Цанев.

Најстарата високообразовна институција за музика, балет и танц во Македонија е основана во 1966 година, а покрај високообразовната, врши и научно-истражувачка, уметничка и применувачка дејност од областа на музичката и танцовата уметност. Преку својата дејност директно влијае врз развојот на културата и уметноста во нашето општество, но и во регионот.