Концерт на младите лауреати од „Охридски бисери“ во рамки на фестивалот „Златна лира“

Во рамки на фестивалот „Златна лира – Фестивал на музичките уметници на Македонија“, денеска во Музејот на македонската борба, со почеток во 19 часот, ќе се одржи традиционалниот концерт на добитниците на наградата на Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ) од меѓународниот натпревар „Охридски бисери“.

Настап ќе имаат Ѓорѓи Димовски – саксофон (добитник на наградата на СМУМ), Маја Божиновска – пијано и Андреј Шаклев – пијано.

Како што се наведува во најавата за концертот, тој претставува дел од годишната програма на „Златна лира“ и има цел да го истакне уметничкиот потенцијал на младите македонски музичари и да обезбеди континуитет меѓу музичкото образование и професионалната сцена.

-Преку овој настан, младите добитници добиваат можност да настапат на подиум рамо до рамо со афирмирани уметници, отворајќи го патот кон нивниот понатамошен развој, наведува организаторот. 

Меѓународниот натпревар „Охридски бисери“, основан во 2002 година, е единствениот македонски член на Европската асоцијација на музички натпревари (EMCY) и претставува клучна платформа за поддршка и афирмација на талентирани млади музичари.

Во првиот дел од програмата (од 19 часот) ќе настапат Ѓорѓи Димовски – саксофон и Маја Божиновска – пијано, со дела од Роберт Муцински, Роже Бутри, Томислав Зографски, Александар Глазунов и Алфред Дезанкло. Во вториот дел (од 20 часот) ќе следува рецитал на Андреј Шаклев – пијано, со дела од Ј. С. Бах / Ф. Бузони, Фредерик Шопен и Сергеј Рахмањинов.

Младиот саксофонист Ѓорѓи Димовски (2004) е студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје и добитник на повеќе домашни и меѓународни признанија, меѓу кои и специјална награда на државниот натпревар во Скопје, како и награди од „Стеван Мокрањац“, „Саксклар“ и „Охридски бисери“.

Пијанистката Маја Божиновска е дипломец на Факултетот за музичка уметност – Скопје и магистер на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена. Настапувала на бројни фестивали и концерти во земјата и странство, а од 2015 година е наставник во Државното музичко училиште во Битола.

Пијанистот Андреј Шаклев живее и работи во Италија, каде што предава на Конзерваториумот во Сасари. Образованието го стекнал во Италија, Виена, Салцбург и Лондон и е добитник на бројни награди и член на меѓународни жири-комисии.

Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ), организаторот на „Златна лира“, посочува дека фестивалот и годинава ја продолжува својата мисија на поддршка и промоција на домашните музички таленти и афирмација на македонската изведувачка уметност.