Концерт на Марија Јакимовска и Билјана Петровска
Во рамки на „Есенски музички свечености“ 2022, во Културно информативниот центар во Скопје вечер ќе се одржи концерт на Марија Јакимовска – флејта и Билјана Петровска – пијано.
Јакимовска е родена 1988 година во Скопје, а музичкото образование го започнува во ДМБУЦ Илија Николовски – Луј, во класата на проф. Радмила Попоска.
Настапувала како солист со камерниот оркестар при ДМБУЦ„Илија Николовски –Луј“, има настапи со Македонската Филхармонија и голем број настапи на културно–уметнички манифестации, хуманитарни концерти и неколку самостојни рецитали. Од 2012 година е член на Скопскиот дувачки квинтет и на камерниот оркестар „Скопски солисти“, како и на камерниот состав „ The Quartet“, 10 годишен член на квартетот флејти „Аулос“ и симфонискиот оркестар за филмска музика F.A.M.E’.S.
Редовен учесник е на едукативни проекти, а како еден од позначајните е проектот кој беше дел од пан-европската акција „Balckboard music project”-подржан од ЕУ и Министерството за култура – Евро интеграции и се презентираше во две земји (Данска и Белгија).
Добитник е на повеќе награди и признанија од државни и интернационални натпревари и семинари. Моментално е вработена во оркестарот на Националната опера и балет.
Билјана Петровска припаѓа на генерацијата на македонски музички уметници – пијанисти кои активно творат. Дипломира и магистрира на отсекот интерпретација на пијано. Покрај соло настапите, акцентот на интерпретациското творештво кај неа е ставен на камерното музицирање. Има настапувано со многу македонски уметници и со уметници од светот.
Досега имала многубројни настапи во земјава и надвор од неа и има издадено свој компакт диск заедно со кларинетистот Петар Колевски како Дуо Пан.
Освен со Дуо Пан, Билјана е основач и активно настапува и со камерните состави трио ВивАрт, квартетот Анумус и квартетот THE QURTET. За својата дејност како камерен музичар е добитник на награда за исклучителни резултати како камерен музичар на натпреварот за дрвени дувачи инструменти во Пожаревац, Арангеловац, и на меѓународниот фестивал во Перник, Бугарија.