Концерт на Филхармонијата „Звукот на ориентот“ со маестралниот Марсел Калифе

Исклучителниот мајстор на уд, композитор и вокалист Марсел Калифе од Либан, в четврток во 20 часот со оркестарот на Филхармонијате ќе одржи концертот насловен „Звукот на ориентот“.

На програмата се авторски дела на Калифе, а концертот ќе го води маестро Лубнан Балбаки од Либан. Ќе настапи и хорот „ПроАрс“.

Марсел Калифе студирал уд (арапска лаута) на Националниот конзерваториум за музика во Бејрут и од тогаш тој вдахнува нов живот на овој специфичен инструмент. Традиционалното свирење на уд било ограничено од строгите изведувачки техники кои го одредувале начинот на свирење. Високо талентираните и надарени музичари како Марсел Калифе, сепак, можеле и успеале да го ослободат инструментот од тие ограничувања и со тоа значително да ги прошират неговите изведувачки можности.

Во 1972 Калифе оформува музичка група во својот роден град Aмчит со цел да го оживее музичкото наследство на арапската вокална хорска музика. Првиот настап им бил во Либан. Во 1976 се родил ансамблот „Ал Мајадин“. Збогатен со музичкото искуство од претходниот свој состав, гласноста на „Ал Мајадин“ отишла многу подалеку од Либан. Придружуван од неговиот музички ансамбл, Марсел започнал далекусежно музичко патување со настапи во арапските земји, Европа, САД, Канада, Јужна Америја, Австралија и Јапонија. Автор е на повеќе вокално-инструментални композиции, а неговото дуо за уд и контрабас, било наградено од престижната „Charles Cros Academy“ во Франција во 2017 година.

Делата на Марсел Калифе, како што наведуваат од Филхармонијата, се критички позитивно оценети од арапскиот свет, но и насекаде низ светот. Неговата креативност, иновативност, образовни и хуманитарни залагања, како и придонесот за промоција на културата и уметноста во арапскиот свет се причина поради која добил бројни награди во арапскиот свет и на меѓународно ниво. По добивањето на националниот медал за култура и уметност од Палестина во 2001 година, Калифе придонесува во финансискиот дел од наградата на Националниот конзерваториум за музика Едвард Саид во Палестина. Оттогаш, конзерваториумот организира музички натпревар кој го носи неговото име и им доделува финансиска поддршка на младите надарени мозичари, за нивно континуирано музичко образование. Добитник е и на голем број други награди. Во 2005 година Марсел Калифе е назначен за Уметник за мирот на УНЕСКО за неговите уметнички достигнувања и за хуманитарниот придонес. Во 2008 година Калифе го основа Катарскиот филхармониски оркестар, каде работи како музички директор и резиденцијален композитор.