Кон средината на ноември ЕВН ќе го објави тендерот за набавка на струја за домаќинствата и малите потрошувачи
Тендерот за набавка на електрична енергија за Универзалниот снабдувач ЕВН Македонија ќе го објави на средината на ноември, дознава Телевизија 24. Според неофицијалните информации во текот на следните две недели компанијата ќе ги направи последните подготовки и ќе објави условите по кои ќе бара електрична енергија за домаќинствата и дел од малите претпријатија кои и натаму се на регулираниот пазар.
Претседателот на РКЕ Марко Бислимовски уверува дека ценовен шок во однос на сметките за струја нема да се случи.
Тој во интервју за тв 24 вели дека во однос на компаниите каде што регулаторна треба да одреди цена а тоа се Електродистрибуција, МЕМО И МЕПСО, нема да остави простор за зголемување на крајната цена.
Марко Бислимовски претседател на РКЕ
„Гарантирам дека за овие компании за кои што РКЕ носи одлука нема да дозволиме да има бхило какво зголемување. Во тој дел што ние го регулираме односно околу 40 отсто на крајната цена на електричната енергија нема да има никакво зголемување на цената. Мепсо бара симболично зголемување 0,67 проценти, МЕМО не бара никакво зголемување, Електро дистрибуција бидејќи е во постапка на набавка за загуби на електрична енергија нема наведено колку бара зголемување.“
Од Регулаторната комисија за енергетка додаваат дека тендерот кој треба да го распише ЕВН треба да биде по нови правила. Главното прашање кое сега се поставува е дали и на овој тендер државната компанија ЕСМ ќе продолжи по старата пракса и ќе понуди 100 отсто за потребите на домаќинствата и малите потрошувачи. Од компанијата засега сметаат дека засега е рано да се излезе со било каква информација, и најавија дека конкретен одговор ќе имаат до крајот на идниот месец.
Последната корекција на цената на електричната енергија се случи на почетокот на годинава кога регулаторот објави минимално зголемување во делот кај домаќинствата, кое се разликува од тарифен блок до блок и изнесуваше просечно 0,92 отсто.

