„Комунална хигиена“ нефункционални камиони и милионски долгови
Државната ревизија ја прочешла документацијата за 2024 година на Јавното претпријатие Комунална Хигиена Скопје. Според наодите на ревизорите компанијата има проблем со наплататата на нивната услуга, потоа забележано е нерационално управување со залихите, но констатирана е и намалена ликвидност.
Тоа што сериозно загрижува е нефункционалноста на возниот парк кој е со просечна старост од 15 години. Податоците велат дека од вкупно 189 специјални комунални возила 60% се неисправни.
Државен завод за ревизија
„Утврдено е високо ниво на нефункционалност на возниот парк, околу 60% возила се вон употреба, односно од вкупно 189 специјални комунални возила со кои располага претпријатието, само 76 се во возна состојба, додека 80 се неисправни и 33 се хаварисани, или 113 возила се нефункционални, со просечна старост од 15 години и намалена способност да генерира економски користи.“
Дополнително, во извештајот се наведува дека од резервните делови кои се на залиха, 40% се набавени во 2009 година, а истите се застарени и се без реална употребна вредност, за кои не е извршено вредносно усогласување. Таквото несоодветно планирање и координација на активностите поврзани со набавката и издавањето на залихите резултира со нерационално трошење на средствата на јавното претпријатие и има негативно влијание врз неговата ликвидност, констатираат ревизорите.
Државен завод за ревизија
„Утврдени се слабости во евидентирање на недвижностите и инфраструктурните објекти, не е обезбедено правото на сопственост и не е евидентирана опрема, регистрирани во сопственост на јавното претпријатие, со вредност од 472.325 евра. Доминантен дел од побарувањата односно 2.071.317 евра има значително намалена или неизвесна наплатливост, како резултат на регистрацијата на корисници без соодветна верификација и склучени договори.“
Во однос на врасботувањата, во анализираниот период преку приватна агенција за вработување, има ангажирано 354 лица, како даватели на услуги, административни службеници и помошно технички персонал, а за нив јавното претпријатие одвоило нешто над три милион и евра. Дополнително, ревизијата утврдила неправилности во начинот на пресметка на платата на директорот и кај прекувремената работа на административните службеници.

