Компаниите од тв и филмскиот сектор се без приходи и бараат итни мерки за помош
Foto

Компаниите од тв и филмскиот сектор се без приходи и бараат итни мерки за помош

Здружението на компании за организација, реализација и поддршка на настани, ТВ и филмски продукции, поздравувајќи ги напорите на Владата, сепак посочи дека мерките за помош на стопанството се недоволни, а и недоречени.

Тие истакнаа дека биле првите на удар со тоа што престанаа целосно да вршат каква и да е дејност уште на 28 февруари кога се донесе забраната за одржување јавни собири. Со тоа останале без можност за какви било приходи.

Велат дека нивните компании не можат да работат онлајн или шалтерски, па така бидејќи се под клуч имаат промет од нула денари. Па затоа од Владата побараа, освен предложените мерки да има и исплата на бруто-плата за целиот период на траење на пандемијата, а тоа да важи ретроактивно и за месецот март, бидејќи не работат од 28 февруари наваму.

Од Здружението исто така истакнаа дека не ја игнорираат тежината на последиците со кои се соочуваат другите гранки и индустрии, но, се сепак едни од ретките сектори кај кои бизнисот им е целосно прекинат преку ноќ, зашто тој практично и не постои сè додека е на сила уредбата за забрана на јавните собири поради вонредната состојба пандемијата.

Во оваа индустрија засегнати се и голем број други сектори меѓу кои се и актерите, музичарите, водителите, фотографите, сликарите, дизајнерите, костимографите, сценографите, светло-мајсторите, но и кастинг-агенциите, печатниците, кетеринг-служби, агенциите за обезбедување, програмерите, техничарите, енергетичарите, превозниците, браварите, столарите.

Од Здружението, на денешната прес-конференција пред Градскиот парк изјавија дека доколку не им биде понудена соодветна поддршка и не бидат прифатени нивните барања и тоа во најкраток можен рок, ќе бидеме принудени да ги отпуштат вработените и да ги затворат компаниите.

0 Коментари

Остави коментари