Комисиска расправа за предлог-буџетот за 2025 година

Фискалната политика што ја предлага власта во Буџетот за 2025 година ќе ја уништи финансиската стабилност на земјата, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната собраниска Комисија за финансирање и буџет, на која на дневен ред за расправа е Буџетот за 2025 година.

Зборувајќи за фискалните политики предложени во новиот Буџет, Филипче потенцираше дека нереалните високи стапки за економски раст не се ништо друго освен изговор за планираната зголемена буџетска дупка и нови задолжувања.

Предлог-буџетот за 2025 година се базира на реални макроекономски претпоставки и фискални проекции и обезбедува непречено функционирање на институциите на државата и редовно сервисирање на обврските, нагласи министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во нејзиното обраќање пред пратениците на првиот ден од комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година.

Со предложениот буџет  се планира да се приберат 5,8 милијарди евра, а да се потрошат 6,5 милијарди евра. Проекцијата за капитални инвестиции изнесува 800 милиони евра, државниот долг нема да надмине 60 проценти од БДП, додека економскиот раст е планиран на 3,7 отсто, а инфлацијата на 2,2 отсто. 

Опизцијата, според која Предлог-буџетот е неразвоен, најави поднесување на околу 200 амандмани, амандманите се за 20% повисоки плати и 10% повисока социјална заштита.