Комисијата за заштита и спречување од дискриминација утврди потежок облик на дискриминација врз бранителот од 2001

25 години чекање, безброј затворени институционални врати и една битка која се уште трае. Воениот инвлади од конфликтот во 2001 година, кој четврт век се бори за достоинствен дом што му следува по закон, бил жртва на потежок облик на дискриминација, утврдила Комисијата за заштита и спречување од дискриминација. Привременото решение, бараката доделена од државата по поплавите во 2008 година станала неупотреблива. Па така,  денеска сликата што може да се види од привремениот дом е само рушевина. 

Неговата сопруга Ивана Митревска  раскажува дека утвредената дискриминација е од страна на владината комисија за станбени прашања, која како што вели со години проблемот го трга на страна и не му помага. Рокот за постапување од владината комисија е 30 дена.

Ивана Митревска, сопруга на воениот инвалид од конфликтот во 2001: Комисијата за дискриминација утврди продолжена дискриминација врз основа на интересекциска дискиримнаторска основа на мојот сопруг од потежок облик поради тоа што е воен инвалид од прва група и комисијата за станбени прашања на влада наместо да го згрижи и да му помогне заради неговата состојба таа го отфрлила на страна во текот на сите овие години.  Ова е веќе приложено до влада од страна на комисијата и рокот за постапување е 30 дена од издавањето на решението. Ние очекуваме Комисијата за станбени пршања да ја тргне дискриминацијата направена врз мојот сопруг и да му додели стан согласно Уставот и законите. 

Митревска раскажува дека за проблемот со Комисијата за станбени прашања решение и правда бараат во управен суд. Оттаму одлука се уште нема. 

 Ивана Митревска, сопруга на воениот инвалид од конфликтот во 2001: Нашиот предмет е целосно препратен до управен суд и се очекува од таму да решат. Ние испративме жалба до второстепената комисија која требаше да и наложи на комисијата да реши но предметот од таму е препратен на управен суд и комисијата е тужена за управен молк и не може да се вади со моментот дека е на суд па не може да реши заради тоа што комисијата не решила од 2002 па до денес. 

Телевизија 24 испрати прашање и во Владата за тоа дали го добиле извештајот и кога ќе се произнесат по истиот и оттаму добивме одговор дека со Комисијата раководи министерот за транспорт и врски Александар Николовски и не упатија прашањето да го поставиме до него.

Влада: Во врска со Вашето прашање кое е предмет на Ваш интерес, Ве информираме дека со Комисијата за станбени прашања раководи заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николовски. Ве упатуваме Вашето прашање да го испратите до неговиот Кабинет за понатамошно постапување и соодветен одговор.

Од министерството за транспорт пак ни кажаа дека за вакви случаи одговор може да добиеме само од Владината комисија.

Како што и претходно објави Телевизија 24, воениот инвалид заедно со неговото семјество со години се обидува да го добие она што му следува по закон – достоинствен дом. Засега она што го имаат на располагање е целосно распадната барака која не е функционална а притоа за истата плаќаат сметки.

 Овој случај е нотиран и  во Годишниот извештај на Народниот правобранител за 2025 година како пример за долгогодишно институционално непостапување. 

Додека институциите седат зад затворени врати и си ја префрлаат одговорноста едни на други и притоа случајот се влече низ судските ходници, иднината на семејството на воениот резервист кој битката кај Арачино од 2001 година е се уиште неизвесна.