Комисијата едногласно препорача разрешување на Катица Јанева
Комисијата за избори и именувања денеска зад затворена врата едногласно и без дебата донесе заклучок да му предложи на Собранието да ја разреши специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е осомничена за случајот „Рекет“.
Одлуката е донесена врз основа на извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на Јанева поради нестручно и несовесно работење.
– Комисијата за прашањата на изборите и именувањата без дискусија со едногласна одлука го утврди предлогот до Собранието на Република Македонија госпоѓата Катица Јанева да биде разрешена од функцијата специјална јавна обвинителка поради несовесно, нестручно и незаконито раководење со институцијата Специјално јавно обвинителство, изјави по седницата на Комисијата нејзиниот претседател Илија Димовски.
Залучокот на Комисијата ќе биде доставен до претседателот на Собранието Талат Џафери, кој треба да свика пленарна седница за разрешувањето на Јанева. На пленарната седница нема да се расправа за извештајот на Советот на ЈО туку само за предлогот за разрешување. Одлуката се носи со двотретинско мнозинство и со т.н. бадентерово гласање, а на крајот треба да ја потврди и Советот на обвинители.
Димовски очекува и на собраниска седница одлуката да биде едногласна како што било случај и на седницата на комисијата.
-Денеска на седницата на Комисијата имаше пратеници од најголемиот дел политички партии. Оние кои имаа право на глас гласаа без исклучок. Едногласна е одлуката донесена со 13 гласа, а ниту една политичкка партија не се произнесе негативно за ваквиот предлог. Очекувам дека и во постапката на пленарната седница ќе се повтори таквиот резултат на гласање, истакна Димовски.
Со ваквиот негов став се согласува и пратеникот од СДСМ Мухамед Зекири, кој исто така е член на Комисијата, бидејќи како што рече, заклучокот бил едногласно усвоен. Тој очекува дека на пленарна седница сите ќе гласаат позитивно по заклучокот на оваа комисија.
Тој истакна дека и СДСМ жали што седницата не била отворена за јавност поради класифицираниот материјал.
-Се надевам дека брзо ќе заврши истрагата и ќе почне судскиот процес во кој виновните ќе одговараат, а шпекулациите и маглата ќе биде расчистена, истакна Зекири.
Тој не жали што дал поддршка за СЈО, бидејќи како што рече, вината е индивидуална, а не колективна. Ако еден се огрешил од законот, истакна Зекири не може да и се суди на цела институција. Сепак, се согласува дека Јанева ги разочарала сите од кои добила поддршка вклучувајќи ги и граѓаните.
Во врска со тоа што ќе се случува по евентуалното разрешувње на Катица Јанева, Зекири рече дека верува оти ќе биде успешен процесот на преговори што го имаат политичките партии во врска со новиот Закон за јавно обвинителство.