Комеморација за Сашо Миленковски: Беше мајстор од апсурдноста да направи смисла, алхемичар кој режира со ласерска прецизност

Алхемичар. Режира со ласерска прецизност. Им даваше слобода на артистите, без да ги ограничува сè до последната етапа од подготовката на претставата кога ги затегаше уздите, беше мајстор од апсурдноста на светот да направи смисла. Со својата посветеност, уметничка смелост и исклучителен творечки интегритет, стана еден од творците што го обликуваа современиот македонски театар. Неговото дело ќе остане траен дел од македонската култура и ќе продолжи да сведочи за моќта на театарската уметност - беше речено на денешната комеморација за Сашо Миленковски, која се одржа во Драмскиот театар.

На Миленковски почит му оддадоа негови колеги, актери, музичари, театролози... Беше испратен со долг аплауз од сите присутни, со проекции на слајдови и исечоци од неговите претстави и со музика на Rage Against The Machine, Muse, Fatboy Slim... Ќерките Хана и Сара, кои последни се качија на сцената и зборуваа многу кусо, истакнаа дека татко им не сакал патетики. Споделија и дека ги научил да бидат љубопитни, но и да не почитуваат авторитети, да имаат храброст и да не прават компромис кога станува збор за творештвото.

Сашо Миленковски припаѓаше на генерацијата режисери, кои на почетокот на 90-тите години внесоа нова естетика, суверен театарски јазик и силен творечки импулс во македонската театарска уметност. Тој беше и драмски автор. Освен богатиот режисерски опус, зад себе ги остави и текстовите: „Коледе“, Game Over, Deus Ex Machina и „Јован не е американски филм“, кои ги реализира како авторски сценски проекти. Неговото творештво се прошири и на филмот, каде што работеше на документарните и играните филмови: „Мајка Тереза“, „Голем град“, „Љубинко и Десанка“ и „Преспа“.

- Сашо беше еден од најзначајните македонски режисери, драматурзи и театарски творци. Својата професионална кариера ја почна уште пред дипломирањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје како дел од легендарниот мултинационален театарски проект „Тапа гета“ во Суботица, каде што ги постави претставите „Госпоѓица Јулија“, „Ранети јагнета“ и „Злосторство и казна“, со што уште во раните години се етаблира како режисер со автентичен сценски израз. Во текот на речиси четири децении творечка работа реализира повеќе од 50 режии на сцените во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија и пошироко работејќи еднакво успешно и на класичниот и на современиот драмски репертоар - рече актерката Сања Арсовска.

Со еднаква убедливост, додаде, ги поставуваше делата на класичните автори, како Шекспир, Молиер, Достоевски и Бекет, но и современата драмска литература, оставајќи особено значаен придонес во афирмацијата на македонската драматургија.

Како што истакна Арсовска, праизведбата на „Балканот не е мртов“ од Дејан Дуковски, во Народниот театар во Битола во 1992 година, е едно од најважните сценски остварувања во поновата историја на македонскиот театар. Претставата освои четири награди на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.