Комеморација на припадници на МВР

По 18 години судски процес, ослободителната пресуда од Кривичниот суд во Скопје направи по втор пат и правно да ги загубиме своите синови – рекоа семејствата на загинатите припадници на МВР на денешната комеморација на која се одбележуваат 25 години од загинувањето на полицајците Кирил Петрушевски, Ерол Готак и Александар Ангеловски.

23 годишниот Петрушевски, 26 годишниот Ангеловски и 27 годишниот Готак беа убиени во Арачиново во 2000 година за време на акција за пронаоѓање украдени луксузни автомобили.  

При вршење контрола на моторни возила, тие се нашле во заседа од вооружена група која отворила оган врз нив од автоматско оружје. Семејствата на загинатите положија свежо цвеќе на бистата на припадниците на МВР во нивната матична полициска станица во општина Гази Баба. Семејствата на загинатите полицајци порачаа - чувајте ги вредностите на Македонија, почитувајте се меѓу себе по човечноста, а не по националноста, верата или политичката припадност.