Комедијата „Чудесна теарпија“ на Драмски театар вечер во центарот на Скопје

Со изведба на претставата „Чудесна терапија“ вечерва на отворено во центарот на Скопје Драмски театар го заокружува првиот дел од сезоната во која ја прославува 80-годишнината од постоењето. Граѓаните и посетителите на главниот град во 21 часот претставата ќе може да ја гледаат бесплатно на локацијата на малиот амфитеатар во комплексот на спомен-куќата на Мајка Тереза на улица „Македонија“ во Скопје.

„Чудесна терапија“ е работена по текст на авторот Даниел Глатауер. Режисер е Димче Николовски, драматург Александра Бошковска, костимограф е Раде Василев.

Улогите ги играат актерите на Драмски театар: Предраг Павловски, Маја Вељковиќ-Пановска и Соња Стамболџиоска.

Драматургот Александра Бошковска во програмската белешка за претставата вели дека претставата „Чудесна терапија“ се занимава со потребата од чиста и искрена комуникација како предуслов за една среќна врска.

-При тоа, безусловно сме свесни дека во комуникациската еволуција, човештвото има уште многу етапи што треба да ги совлада. Комуникацијата е универзална способност на секој човек. Но, дали знаеме вистински да комуницираме? Се чини едноставно, но во врска, сакале или не, сѐ станува комплицирано. Понекогаш и до бескрај. Разговорот знае да прерасне во кавга, кавгата во конфликт, а конфликтот во војна. А проблемот, наместо да биде решен, да роди нов, поголем проблем - вели Бошковска.

Претставата премиерно е изведена во мај 2019 година и до сега има 55 изведби од кои десетина гостувања биле на театарските фестивали во Македонија и во земјите од регионот. Поради универзалноста на темата и бравурозната изведба на актерската екипа, комедијата има одличен прием и актерите добиваат силни аплаузи како израз на задоволство на театарската публика.