Колку маркетите ја почитуваат одредбата за објавување на цени

Маркетите во Македонија веќе неколку денови на своите веб-страници имаат обврска да ги објавуваат малопродажните цени на производите поради измените на Законот за заштита на потрошувачи.

За да ја тестираме функционалноста на оваа законска измена, посетивме неколку веб страни на одредени маркети. Кај некои од маркетите табелата со цени имаше опција за пребарување на производи, додека кај други пак мораше да се врти страна по страна.

За ваквите законски измени, Љупчо Радевски од ССМ вели дека објавувањето на цените нема да им користи на граѓаните бидејќи одзема многу време за пребарување низ веб-страните.

Од опозициската СДСМ, пак, велат дека мерката е нефункционална и нема да помогне да се намалат цените.

- На граѓаните им е потребен околу еден час само за да споредат еден производ во сите маркети. Доколку треба да направат споредба на сите производи што редовно ги купуваат, веројатно би требало да земат ден одмор од работа. СДСМ уште на почетокот алармираше дека оваа бесмислица ниту ќе помогне да се намалат цените, ниту некој реално ќе има корист од неа, но Владата не слушаше. - СДСМ.

Според Правилникот за начинот на објавување на цените на производите, трговските ланци треба да ги ажурираат цените на дневно ниво, посебно за секој маркет во рамки на синџирот

Министерот за економија Бесар Дурмиши рече дека, законските измени се со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните кои како што рече, треба да знаат како ги трошат своите пари. Тој најави и казни до 10 000 евра за непридружување до законските измени.