Колку ќе платите повеќе доколку решите да го одложите плаќањето на кредитот
Foto

Колку ќе платите повеќе доколку решите да го одложите плаќањето на кредитот

Одложувањето на плаќањето на ратите на шест месеци за граѓаните нема да биде бесплатно, туку ќе ги чини пари. Финансискиот товар, иако привремено ќе им се олесни, потоа ќе се зголеми, бидејќи банките за време на грејс периодот нема да ја отпишуваат каматата на кредитите, туку ќе ја наплатат откако граѓаните ќе почнат со редовно подмирување на нивните долгови.

ТВ 24 извади неколку примери колку ќе се зголеми ратата и колку на крајот ќе чини кредитот, доколку граѓаните го прифатат предлогот на банките да не плаќаат рати во следните шест месеци.

Еве што велат пресметките.

Доколку сте земале готовински кредит од 10 илјади евра минатиот месец, кој треба да го исплатите во следните осум години, ратата ви се зголемува за дополнителни три евра. Или на крајот кредитот ќе ве чини дополнителни 300 евра повеќе. Ова се однесува за фиксна каматна стапка од 4,9% во првите два години и 5,9% променлива потоа.

Ако сте земале станбен кредит од 40 илјади евра на 20 години, неплаќањето на ратите во следните 6 месеци, ќе повлече дополнителни 720 евра. И тука ратата се зголемува за 3 евра месечно. Но на крајот, кредитот ви поскапува за 720 евра.

Ако сте пензионер и од банка сте зеле кредит од 100 илјади денари на четири години, ратата ви се зголемува за речиси 80 денари, а на крајот ќе платите 3 700 денари повеќе, затоа што сте го одложиле плаќањето во следните шест месеци.

На ваквите високи цени, бурно реагираат граѓаните, посебо што оваа мерка беше најавена како олеснување во време на корона кризата. Очакуваа солидарност, зашто банките се меѓу најпрофитабилните. Лани оствариле чист профит од 114 милиони евра.

Но од Банкарската асоцијација велат дека никогаш во преговорите со државните институции не станало збор за замрзнување и на каматите.

„Банките не може да се солидаризираат, тие си се акционерско друштво и најголем дел од нив се дел од некоја странска групација. Ниту во еден момент кога Владата преговараше за мораториум со банките не стана збор за каматите. Тие се подразбираат. Тие се цена на парите. Ако отидете на бензиска пумпа, никој нема да ви даде бензин без пари. Одеднаш, кога се појави првата понуда од банките, се појави и хистеријата за каматите.“ - вели Маја Стевкова Штериева, Македонска банкарска асоцијација.

Апел за солидарност до менаџерите во банките веќе испрати премиерот. Од Народната банка повторуваат дека немаат дополнителен инструмент за да им наредат на банките да ја замрзнат каматата.

„Во насока на олеснување на финансискиот товар на граѓаните и компаниите, како што знаете, ние подготвиме и донесовме регулаторни измени кои значат поповолни договорни услови за сите субјекти кои се погодени од корона-кризата. Притоа водевме сметка ова решение да е системски издржано. Ние, исто како и други централни банки од регионот и централни банки од ЕУ, немаме законска надлежност за носење одлука со којашто би се запрело пресметувањето камата во текот на грејс-периодот, односно во периодот на одложување на наплатата на кредитите.“ - соопштија од Народна банка.

Банките на своите веб страници извадија калкулатори за да можат граѓаните сами да пресметаат колку ќе ги чини одложеното плаќање на кредитот. Понудата ќе се смета за прифатена, ако граѓаните не одговорат до 10 април, односно ако не ја информираат банката дека го одбиваат новиот договор.

Доколку понудата се прифати, рокот на отплата се продолжува за шест месеци. Банката во септември ќе изготви нов амортизационен план за отплата на кредитот и почнувајќи од октомври ќе почне да ги наплаќа новите, повисоки рати.

0 Коментари

Остави коментари