Колевски: Ветингот на судиите и обвинителите да не се спроведува набрзина

Ветингот на судиите и обвинителите треба да биде добро осмислен, да не се спроведува набрзина, да се знае кој и како ќе го врши и да не се претвори во мешање на извршната во правосудната власт, изјави за МИА првиот човек на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски.

– Сметам дека треба внимателно да се пријде кон оваа мерка. Таа треба добро да се осмисли. Да се осмислат целите на ветингот, да се дефинира по содржина и начинот на којшто ќе се спроведе. Понатаму, кој орган или кои органи или државни институции ќе треба да го спроведат, да се внимава тоа да не значи да биде директно мешање во правосудната власт од страна на извршната власт. Доколку се спроведе, треба да даде позитивни ефекти, а не да даде негативни ефекти. Состојбите во правосудниот систем не се баш на потребното ниво, па со ветингот да не се влошуваат понатаму, истакнува Колевски.

Претседателот на Советот на јавни обвинители вели дека треба да се размисли дали во овој момент е потребен или не ветинг на судиите и јавните обвинители.

– Сега сме наводно пред изборен период, не знам дали ветингот би требало и набрзина да се спроведе. Најпрво треба добро да се осмисли и постапката да не биде брза. Едноставно тоа да не значи веднаш разрешување судии и обвинители, туку треба да се види дали има основа за такво нешто. Затоа што во овој момент имотната состојба на судиите и јавните обвинители се контролира. Сите јавни обвинители и судии поднесуваат пријава до Антикорупциската комисија за сопствената имотна состојба и имотната состојба на сите јавни обвинители и судии е на увид на јавноста. Секој може да изврши увид во податоците, рече Колевски.

Според него, треба да се осмисли дали ќе биде опфатен само имотниот дел или ќе бидат опфатени и некои други сегменти за, како што нагласува, да не дојдеме утре во ситуација да се влоши состојбата во правосудниот систем, наместо да се подобри.