КОЛЕГИТЕ И ФАНОВИТЕ ПОСТХУМНО ГО ПРОСЛАВИЈА РОДЕНДЕНОТ НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ
Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност. („Тетовирани души“)
Горан Стефановски – магот на драмскиот текст, македонскиот Шекспир, за кого не постојат епитети и празни страници да се испише неговото творештво низ чиешто едуцирање поминале многу генерации. Човек кој што во неговата драма „ Диво месо“ ќе напише вонвремеската вистина дека: „Денес сè се купува и продава. Дури и она што луѓето мислат дека нема цена. Тоа обично е и најевтино“. За човекот кој им го продухови животот на многу генерации – денеска симболично во неговото Дебар Маало почитувачите на неговото дело засадија дрво.
Во Дебар Маало каде покојниот писател и професор има удел во неговото креирање како култно место ќе биде поставен и спомен обележје на писателот Горан Стефановски како седи на клупа. Но за да се изработи ова дело се уште нема средства па така неговиот син Игор Стефановски најави дека пари ќе се бараат преку „краудфандинг“ моделот – кој е метод на општествено собирање пари од поддржувачите.
Еден од пријателите на Горан Стефановски, актерот Благоја Чоревски рече дека Стефановски заслужува да остане запаметен со неговиот лик и делата кои ги има оставено зад себе.
Горан Стефановски е роден во 1952, а не’ напушти лани, почина по кратко боледување на 66 години во Кентербери, Велика Британија. За дописен член на МАНУ беше избран во 2004-та година, а беше и долгогодишен член на Македонскиот ПЕН-центар. Стефановски беше професор на Факултетот за драмски уметности, а од 2000-та година – професор на Универзитетот во Кент, Англија.