Која е вистината за трезорот?

Трезорот не се затвора, тврди министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, по објавите дека од 15 декември ќе запрат сите исплати од Буџетот.

Според неа, станува збор за вадење на информациите од контекст и создавање непотребна паника во јавноста. Министерката појаснува дека трезорот работи нормално и дека институциите имаат рок до 15 декември да ги достават налозите, за полесна организација на исплатите до крајот на годината.

Нема логика, вели таа, трезорот да се затвора, кога даночните приливи продолжуваат и по 25-ти во месецот. Министерката тврди дека има редовни приливи и дека сите налози што пристигнуваат во трезорот се исплаќаат навреме.

Како доказ, министерката ги посочува навремено исплатените пензии и последната исплата од три милијарди денари, нагласувајќи дека Буџетот е стабилен и обврските ќе бидат сервисирани до крајот на годината.

Од друга страна, опозицискиот СДСМ тврди дека за прв пат во историјата трезорот се затвора на 15 декември поради немање пари и дека на власта ѝ недостасуваат повеќе од една милијарда евра. За премиерот Мицкоски, СДСМ шири паника меѓу граѓаните и побара Јавното обвинителство да отвори предмет против опозициската партија. Од Обвинителството денеска велат дека до нив, засега, не е доставена таква пријава.