Која е Нина Ангеловска која ќе менаџира со државните пари?

Владата го достави предлогот до Собранието Нина Ангеловска да биде новата министерка за финансии. Со овој избор Заев испрати порака од партиското седиште дека младите треба да се борат и образуваат затоа што високите позиции во земјата се достапни за сите. Но со овој избор тој истовремено повлече и лавина реакции.

Социјалните мрежи вријат од коментари за нејзината младост и неискуство во јавните финансии. Најголем дел од економската фела и универзитетските професори, пак, денеска беа воздржани и не сакаа да го коментираат предлогот. Но зад камерите велат дека се вџашени зашто кај идната министерка не гледаат ниту соодветно образование ниту искуство за функцијата.

Универзитетскиот професор Трајко Славески, кој иствремено е и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вели дека министерот за финансии не е позиција за давање шанса, како што рече Заев, туку е најсериозната функција во Владата и доаѓа веднаш по премиерот.

„За кандидатот се најдобро, млада жена успешна во професијата, но мислам дека станува збор за несериозен предлог. Ангеловска нема адекватно образование за фунакцијата и нема соодветно искуство. Тоа се две работи кои се неопходни за ваква важна функција. Според мене нема ниту доволно животно искуство. Образованието и е во областа во електронски бизнис, електронска трговија и мене тоа најмногу ме загрижува. За оваа функција треба познавање на финансиите, економијата, макроекономијата, институциите. Без тоа човек на таа позиција се наоѓа како Алиса во земјата на чудата. Националната економија не е компанија па да може па да се пренесат искуствата.“ - изјави Трајко Славески, универзитетски професор.

Економистите за загрижени и што до сега во јавноста не слушнале какви ставови има Ангеловска за важните економски прашања. На пример што мисли за прогресивното оданочување или за фиксниот наспроти флексибилен девизен курс. Истовремено велат дека ова е несериозен пристап на Заев. Кога светот стравува од нова рецесија и светска економска криза, јавните финансии и економијата во Македонија нема да бидат во сигурни раце.

Телевизија 24 побара изјава од кандидатката за министер Нина Ангеловска. Но таа не застана пред камерата. Во порака ни го испрати нејзиниот став.

„Спремна сум да се вложам во прогресивни фискални политики со кои ќе креираме силна економија за граѓаните и ќе ги задржиме младите во државата. Ова е време на технологии, вештини, развој на модерното претприемништво и нови бизнис модели, дигитални комуникации и производство. Таму го гледам развојот на земјата. Конечно, ќе вложам максимум во унапредувањето на фискалната транспарентност и домаќинско раководење со парите на граѓаните.“

Но Нина Ангеловска нема да биде најмладиот министер за финансии. Тоа место се уште го држа поранешниот премиер, а сега азилат во Унгарија Никола Грувески кој седна на министерското столче во финансии на 29 години.

Нина Ангеловска е доктор на науки по менаџмент. Доаѓа од приватниот сектор. Таа е ко-основач и сопственик на платформата „Групер“, заедно со уште двајца. Идната министерка за финансии во компанијата има 12 вработени. Од завршната сметка се гледа дека минатата година компанијата имала добивка пред оданочување од речиси седум и пол милиони денари или 120 илјади евра. Компанијата располагала со вкупен приход од 370 000 евра.

Во Министерството за финансии Ангеловска ќе треба да управува со државниот буџет тежок 3,7 милијарди евра.