Која банка ќе го преземе „бизнисот“ со платениот промет преку Македонски пошти?
Foto

Која банка ќе го преземе „бизнисот“ со платениот промет преку Македонски пошти?

Кој ќе го наследи милионскиот бизнис на Еуростандард банка која го држеше платниот промет на Македонски пошти. Златната кокошка, како што ја нарече Трифун Костовски, според најавите на директорот на Македонски пошти, ќе им биде понудена на останатите банки. Владата, како стопроцентен сопственик на поштите, ќе треба да пресече, на кој начин ќе се прави нов договор и со кого. Зашто ваков тендер, според мислењето на Бирото за јавни набавки, не бил предвиден со Законот за јавни набавки.

„Според мислењето на Бирото за јавни набавки не е предвидено во Законот една ваква услуга каде што ние ја користиме само лиценцата од една банка за да вршиме платен промет во име на таа банка и за таа банка. Затоа е специфична услуга која треба да ја договориме со некоја банка. Во континуирана комуникација сме со Владата, Народна банка и со сите други за да на транспарентен начин да склучиме договор со некоја банка за да продолжиме со платниот промет“ рече Ејуп Рустеми, директор на Македонски пошти.

Еуростандард банка во 2016 склучила договор на 15 години со Македонски пошти. И тогаш немало тендер. Договорот бил направен со непосредно преговарање. Рустеми тврди дека преговорите траеле две години, а сега поштите немаат толку време за чекање. Поштата држеше дури 25% од платниот промет во државата. Шалтерите сега им зјаат празни. 870 луѓе одат на работа, но не работат. Примаат само поштенски пратки. 

Не може да се плаќаат сметки за струја и комунални услуги. Тоа предизвика навалици кај другите банки.

По отворање на стечајот на Еуростандард банка, денеска стечајниот управител не влезе во банката. Тој сега ќе има полни раце работа. Да направи список на граѓани кои треба да  си ги добијат заштедите до 30 илјади евра. Фондот за осигурување на депозити ќе ја врши исплатата преку четири банки за да се избегна масовни собири: Стопанска, Халк, НЛБ и Комерцијална банка. Датумот на исплата се уште не се знае. 

„Веднаш по добивањето на конечниот список од стечајниот управник ќе ги распределиме депонентите и ќе ги известиме во која банка ќе можат да ја подигнат исплатата на обештетувањето“ - е вели од Фондот за осигурување на депозити.

Стечајниот управител Душко Тодевски ќе треба да го најде и ланскиот финанскиски извештај на пропаднатата банка, кој никаде не е објавен. Според податоците на Народната банка, загубите на Еуростандард достигнале до 18 милиони евра.

0 Коментари

Остави коментари