Која алка од системот на власта потфрли - момчето што ја усмрти Фросина било познато на органите на прогонот
Возел бесно, не поседувал возачка, предизвикувал сообраќајки, нарушувал јавен ред и се занимавал со дрога која ја криел на различни локации. Ова е кусото досие на Васил Јованов.
За него изминативе години се редеа кривични, судски процеси, пресуди, обвинителни акти. Судот пред половина година одлучи да го ослободи од притвор, но тој повторно се врати позади решетки откако во средата пијан помина на црвено и ја усмрти Фросина Кулакова.
Но, на Јованов ова не му е прва сообраќајка. На четврти ноември 2022 удрил во паркиран автомобил при што повредил сопатничката, велат од обвинителството. Полицијата поднела кривичната пријава три месеца подоцна, но Обвинителството ја сопрело постапка.
„Јавниот обвинител спровел постапка и со изјавена согласност на оштетената донел решение со кое не се презема кривично гонење, а осомничениот се согласил да постапи по напатствијата на јавниот обвинител и да уплати паричен износ од 18.000 денари во корист на Буџетот. МВР повело и прекршочна постапка за возење без возачка дозвола.“ стои во соопштението на ОЈО Скопје.
Јованов и другата година продолжил со девијации. Лани на 30 март кривично бил гонет откако кај него било пронајдено дрога. Завршил во притвор. Истрагата била завршена за два месеци, а со обвинението му била продолжен притворската мерка.
Останал во Шутка до 31 јули кога Судот донел пресуда - решение со кое го огласил за виновен. Му изрекол воспитна мерка - упатување во воспитно поправен дом, при што ја укинал притворската мерка.
„На 30.09.2024 година јавниот обвинител незадоволен од пресудата вложи жалба и предметот се уште е во жалбена постапка. Жалбата е во однос на воспитната мерка, бидејќи во однос на притворот жалба не е дозволена со оглед на тоа дека не е изречена казна туку воспитна мерка“ соопштуваат од ОЈО Скопје.
Од Кривичниот суд соопштија дека притворската му е заменета со воспитна мерка - согласно Законот за правда на децата. Оттаму дополнуваат дека нејасна е поврзаноста која се создава во јавноста за кривичен предмет кој во прв степен е завршен со Заводска мерка за едно кривично дело, со друго кривично дело кое е сторено 7 месеци подоцна
„Заводската мерка - Упатување во воспитно поправен дом, каде согласно чл. 48 обвинетиот во домот останува најмалку 6 месеци, а најмногу 5 години односно до наполнети 23 години, во која пресуда му се засметува и времено поминато во притвор, Согласно Законските одредби од ЗКП по досудена Заводска мерка, Мерката притвор не може да опстојува, заради што Јавниот обвинител вложил жалба во однос само на кривичната санкција. Предметот на 07.11.2024 година е доставен на надлежно постапување на Апелациониот суд Скопје, од каде сеуште не е вратен на евентуално извршување, соопштија од Основниот суд
Јованов добил нова шанса се спасип од затвор, но по 6 месеци стори ново кривично дело смртно прегазувајќи ја младата Фросина. За министерот за внатрешни Тошковски пак несреќата е резултат на пропусти во системот. Гневот кај јавноста е разбирлив, а недовербата во институциите оправдана.
„Јавноста со право прашува, како е можно лице кое е со криминално досие, без возачка дозвола, со голем број на претходни прекршувања на сообраќајните правила, повторно да биде зад воланот ова не се само дилеми за дискусија, туку реален и сериозен проблем што бара конкретни и неодложни решенија, изјави Тошковски
Се огласи и Министерот за правда Игор Филков.Она во што можам да се заложам е дека мојата политичка позиција ќе ја насочам за менување на работите од корен. Целиот систем мора да се менува однадвор и одвнатре, дополни министерот.