Кој прави компромис со здравјето и безбедноста на работниците?

Системот за превенција не функционира па затоа во Македонија се гине на работните места. Непримената на безбедносните мерките од страна на работодавачите доведуваат до загрозување на опасноста на градежните работници. Вака поранешниот претседател на македонското здружение за заштита при работа, Милан Петковски во разговор за Телевизија 24 ја објаснува положбата на градежните работници во Македонија по трагедијата во која животот го загуби градежен работник а тројца други беа повредени на градилиште во Кисела Вода.

Според него, несреќите кои се случуваат во Македонија покажуваат дека работодавачите прават компромис со здравјето и безбедноста на работниците. Вели дека потребно е и зголемување на капацитетите на трудовиот инспекторат но и да се создаде независна професионална служба која ќе стои меѓу работодавачите и работниците. 

Колку и да сакаме да импровизираме овде во Македонија, правдајќи се дека безбедноста и здравјето чини пари сепак гледате дека непримената резултира со загубени човечки животи. Самите несреќи овде во Македонија кажуваат дека ние правиме компромис со здравјето и безбедноста. Едноставно доаѓаме во ситуација дека во одредени ситуации се користи таа девиза е сто пати сум го правел ова па не ми се случило, нема ни сега. Доволно е само еднаш да се случи. Самото подигнување на капацитетите на државниот трудов инспекторат не само број поголем туку и да се направи независна самостојна професионална служба која ќе биде во улога на двата субјекта , работодавачите и работниците се со цел да се заштитат сретсвата кои се трошат на годишно ниво за несреќите на работните места. 

Градоначалничката на Кисела Вода Бети Стаменковска Трајкоска за Телевизија 24 за трагедијата од пред неколку дена  вели дека се чекаат одлуките на инспекциските служби. Уверува дека никој нема да биде заштитен. 

Бети Стаменковска Трајкоска, градоначалник на Општина Кисела Вода: Општинскиот градежен инспекторат беше на терен во петокот. Останува да ги чекаме (поради викендов) одлуките на останатите инспекциски служби. Она што е приоритет а за што се превземаа активности со дозвола на надлежните, целосно обезбедување на градилиштетот. Мој приоритет останува - заштита на граѓаните, почитување на законите и одговорно постапување во интерес на јавноста. Ве уверувам дека никој нема да биде заштитен. 

Претходно од Државниот инспекторат за труд за Телевизија 24 кажаа објектот на кој работел градежникот не бил обезбеден, но дека сите ангажирани работници биле во работен однос кај подизведувачот. Објаснија дека дадена е и забрана за градење на градилиштето. 

Дозволата за градба на гардилиштето е издадена пред само месец и половина. Изведувач е Компанијата Јакимовски, а сопственик е поранешниот градоначалник на општина Аеродром, Ивица Коневски. Земјиштето, според него, било во сопственост на неговото семејство повеќе години.