Кој ќе одговара за скандалот со Украинецот кој доби македонско државјанство?
Ќе реферира ли Виктор Димовски пред Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР - Љупчо Пренџов го кани во среда да објасни како дале зелено светло, украинскиот политичар Олександр Онишченко.
Димовски и АНБ молчат, Не одговараат на прашањата кои ТВ 24 им ги постави, како Агенцијата не видела дека Онишченко дома го бараат за перење пари, а САД го има ставено под санкции поради мешање во американските претседателски избори.
Поранешниот началник во Министерството за внатрешни работи, Љубомир Ѓурчевски пак, бара владата сериозно да испита како АНБ не ја завршила својата работа прописно. Вели, одговорноста треба да се бара прво од директорот Виктор Димовски, а потоа и од сите кои се хиерархиски под него.
А одговори нема ниту од Агенцијата за млади и спорт, која заедно со АНБ, Федерацијата на коњички спортови и Олимпискот комитет дале потврда, Онишченко да стане македонски државјанин со право на глас и живеалиште на атрактивна локација Пржино во општина Кисела Вода.
Владата пак, откако информацијата излезе во јавноста, сега ќе проверува како Онишченко ги поминал проверките на АНБ и останатите институции. Денеска без одговор, дали и од кого ќе бараат одговорност за пропустите, бидејќи украинскиот контроверзен политичар сега е рамноправен македонски граѓанин, кој е внесен во избирачкиот список и има адреса во општина Кисела Вода, во Пржино.