Кој ќе ја одредува цената на струјата?
Кој ќе ја пресметува цената на струјата по Нова година? На ова прашање различен одговор добивме од Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски и Министерот за економија Крешник Бектеши.
Откако регулаторот вчера објави дека ЕВН Македонија во иднина ќе биде надлежна за одредување на цената на електричната енергија, во јавноста веднаш настана паника и се отвори прашањето, за колку ќе поскапи струјата за домаќинствата. Но денеска, ресопрниот министер Бектеши вели дека струјата нема да поскапи, а крајниот збор за цената на електричната енергија останува кај Регулаторната комисија за енергетика.
„Министерството за економија го прави толкувањето на Законот за енергетика го прави так што крајниот збор го има Регулаторната комисија за енергетика, ако треба и писмено тоа ќе го направиме кон Регулаторната комисија за енергетика, бидејќи надзот врз начинот како се реализира Законот за енергетика прави Министерството за економија.“ - изјави Бектеши.
Новите измени на Законот за енергетика се децидни. ЕВН ќе ја одреди цената на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи, а регулаторна само ќе врши контрола дали се земени во предвид сите параметки кои влегуваат во пресметката.
„ЕВН ќе ги прави калкулациите, и ќе треба да ги направи согласно тарифниот систем. Ние само треба да провериме дали правилно е применет тарифниот систем. Па ќе видиме што ќе ни достават, па ќе видиме заедно со вас медиумите ќе известуваме во целиот нареден период.“ - изјави Бислимовски.
Од приватната енергетска компанија ЕВН која е всушност и Универзален снабдувач со струја за домаќинствата велат дека ЕВН Хоме е должна да ги достави до РКЕ на контрола сите податоци и информации кои се употребени во пресметката.
„ЕВН Хоме отсега ќе биде одговорна за пресметка на цената на електричната енергија исклучиво за категориите мали потрошувачи и домаќинства. Досега овие пресметки ги правеше Регулаторната комисија за енергетика. РКЕ ќе ги одредува цените и тарифите за останатите, односно за пренос (МЕПСО), дистрибуција (Електродистрибуција) и за операторот на пазарот на електрична енергија (МЕМО).“ - велат од ЕВН Хоум.
Различни ставови Владата и Регулаторната комисија за енергетика имаат и за проширувањето на блок тарифите за електрична енергија. Власта вели дека ќе се проширува третиот и четвртиот блок, но Бислимовски контра властите, тврди дека блоковите ќе нема да се менуваат. Инаку, во одредувањето на цената на струјата најголемо влијание има тендерот за набавка на струја, односно цената по која државната ЕСМ ќе ја продава струјата на Универзалниот снабдувач.
Годинава државата ќе субвенционира 60 отсто од потребната струја за граѓаните. Пред две години владата субвенционираше 100 отсто, лани 80 отсто, а во периодот што следи субвенциите ќе се намалуваат според препораките на меѓународните финансиски институции, а тоа го зголемува ризикот за зголемување на цената на струјата.