„Кој ја уби Џенис Џоплин“– приказна за ослободување од наметнатите социјални окови
Foto

„Кој ја уби Џенис Џоплин“– приказна за ослободување од наметнатите социјални окови

Српскиот народен театар од Нови Сад во копродукција со  Младинската престолнина на Европа(ОПЕНС) од овој град  ја збогатија драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ со театарската претстава „Кој ја уби Џенис Џоплин“ во режија на Соња Петровиќ.

Преку убедлива и енергична игра на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“, младите актери донесоа драма мошне успешно испреплетена со музика од времето на Џенис Џоплин.

Последиците да заврши животот на оваа 27-годишна рокенрол ѕвезда од 60-тите години на минатиот век во хотелска соба се познати, но преку одмотување на приказната наназад, од почетокот на нејзиниот живот, од нејзиното раѓање до смртта, низ театарска игра беа доловени и причините до кои дошло Џоплин да биде зависник од хероинот, да биде осамена и да наиде на отпор на патот кон остварувањето на нејзината лична слобода.

Според режисерката на претставата, Соња Петровиќ, приказната за Џенис Џоплин им ги отвора очите на луѓето, низ нејзиниот животен пат и пример да ја согледаат борбата за себе која не е лесна и честопати води кон создавање ѕид помеѓу поединецот и општеството. Токму и славната рокенрол ѕвезда го завршува животот со неисполнета желба, да го сруши тој ѕид.

-Глумците од сцената ѝ порачаа на публиката да се ослободи од сите зададени форми, формалности и окови, да се осободи од каков било социјален контекст кој ни е наметнат на сите нам, кој дури и по 50 години од смртта на Џенис Џоплин е еднакво силен и доминантен.Тоа се чувствува особено кај жените кои одбиваат да бидат во формите на зададените родни улоги во одреден период од својот живот, но претставата не е наменета само за жените, туку кон сите луѓе, зашто сите ние некогаш се чувствуваме напнато во смисла на остварувањата на тоа што општеството го очекува од нас. Пораката е дека треба да бидеме тоа што ние сакаме да сме, вели Петровиќ.

„Кој ја уби Џенис Џоплин“ не е психолошка драма, ниту мјузикл иако изобилува со музика, туку социјална драма базирана врз вистинска животна приказна што го критикува конзервативното општество.

-Претставата не може жанровски да се оквалификува како мјузикл, но содржи голем процент на музика, можеби и повеќе отколку во мјузиклите, така што и нам ни е чудно на кој начин се посматраат ваквиот вид претстави. Самиот факт што темата се занимава со животот на пејачката која во музиката ја видела својата слобода и се открила себеси низ музиката, едноставно беше невозможно да се направи драма без начинот на кој таа ги изразувала своите емоции и страста, додава младата режисерка Петровиќ.

Претставата „Кој ја уби Џенис Џоплин“ е работена според текст на Тијана Грумиќ а улогите ги играа Бојана Милановиќ,Соња Исаиловиќ, Стефан Вукиќ, Димитрије Аранџеловиќ, Вукашин Ранџеловиќ, Петар Бањац, Филип Грубач и Игор Сакач.

0 Коментари

Остави коментари