Кој го демне Судскиот совет - интерна комисија ќе го истражува случајот
Двајца членови на судскиот совет пријавиле дека им било претурано по работите во канцелариите, а за настанот ќе биде формирана и интерна комисија која ќе работи на случајот.
Ова денеска го потврдија од судскиот совет за ТВ 24, откако вчера претседателот Сашко Георгиев откри дека еден член на судскиот совет пријавил упад во неговата канцеларија. Од советот велат и дека за настанот било информирано полициското обезбедување во советот, а ќе се прегледуваат и камерите на влезната врата од советот.
- Двајца членови пријавија дека некој им влегол во канцелариите. Едниот член тоа го забележал откако му била разбиена бравата од канцеларијата, додека другиот член забележал дека некој друг работел на неговиот компјутер. Формирана е интерна комисија при советот која ќе работи на овој случај, ќе бидат прегледани безбедносните камери и потоа ќе следуваат повеќе информации. - велат од Судскиот совет.
Од МВР за ТВ 24 велат од нивна страна не било интервенирано за овој инцендт во судскиот совет, а не успеавме да добиеме информација дали судската полиција ќе ја води оваа истрага.
Неофоцијално, еден од членовите на кого му бил извршен упад во канцеларијата е судијката Лорета Георгиева, но таа беше недостапна на нејзиниот телефон за потврда на оваа информација. Овој скандал е само продолжение на превирањата кои изминатите два месеци се случуваат во советот, а вчера и обвинителството потврди дека е оформен предмет по претставка која се однесува за врховен судија и за член на судскиот совет, а која се однесува за наводни сомнежи за корупција и примање на мито.
Тензиите во советот кулминираа на 26 април со разрешувањето на Весна Дамева, која минатата недела поднесе и тужба до Управниот суд за начинот на кој таа беше разрешена. По нејзиното заминување, Георгиев беше назначен за прв човек на советот, а се уште се очекува да биде избрана и замена за потпретседателот Адеми кој исто така си поднесе оставка, неколку дена по случувањата со Дамева.