Кој ги добива државните тендери?
Десет фирми во последните пет години, добиле државни тендери вредни 1 милијарда и 28 милиони евра.
Во овој период, само 9% од регистрираните фирми во земјава добиле државни тендери, a кај голем дел од топ 50 компании добитници, речиси целиот бизнис им се заснова на договори со јавни набавки со централните и локални институции во земјава, обелоденува новиот извештај на Центарот за граѓански комуникации.
Прворангираната фирма, Марковски Компани Борче од Битола е рекордер по добиени тендери - за 5 години, добиле над 151 милион евра во најголем дел од АД Електрани, а дури една петтина од вредноста на договорите, компанијата ги добила во постапка каде што немало претходно објавен оглас за јавна набавка, покажува истражувањето. Тоа што е заедничко на скоро сите фирми од топ 10 листата, е дека голем број тендери добиле во постапки каде што немале конкуренција и биле единствените понудувачи.
Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, за ТВ 24, вели дека околу милијарда и пол евра годишно се трошат на јавни набавки а најмалку една третина од тоа оди на корупција.
Во листата на најголеми добитници на државни тендери се компаниите кои работат во градежништво, фармацевтски производи и медицинска опрема, нафтени деривати, електрична енергија и телекомуникациски услуги.
Нетранспарентните состојби во системот за јавни набавки ги обесхрабрува компаниите да учествуваат на државните тендери, оценуваат експертите.