Кој е патриот, а кој предавник: Препирки во Собранието меѓу ДУИ и Вреди

Продолжува серијата на расправи во собрание со етнички предзнак откако денеска пратениците на Европскиот фронт и на Вреди на Комисијата за избори и именувања ги вкрстија копјата околу точката за формирање на Комитетот за односи меѓу заедниците за што албанската опозиција бараше оваа точка да биде ставена прва на дневен ред, но и бараше паузи за материјалите од седницата да бидат преведени на албански јазик.

Расправата потоа продолжи во насока на лични навреди и препукувања за тоа кој е нем послушник на ВМРО-ДПМНЕ, а кој се бори за правата на Албанците.

На седницата на комисијата дополнително и се зголемуваше бројот на точки каде како нови се додадоа разрешување на замениците на генералниот секретар на собранието и именување на новите но тука беа и точките за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на собраниските комисии.

Веќе за во вторник на 23 ти е закажана и седница во законодавниот дом на која ќе треба да бидат верификувани и имињата на замениците министри во владата а на истата седница е и предлог измената на Законот за Здравствена заштита во прво читање.