Кој дозволил дискотеката „Привилиџ“ да работи без лиценца повеќе од два месеци?
Првоосомничениот за убиството на ракометарот Денис Тот рано утрово се предаде на полицијата во Аеродром, откако по него беше распишана меѓународна потерница по неколкудневно бегство. Полицијата го однела директно во притвор во Шуто Оризари, бидејќи за него веќе беше определена мерка притвор, заедно со 19 годишната К.Л. и 22 годишниот А.К. - Осомничени дека до смрт го претепале Тот.
Обвинителството за нив веќе води истрага, бидејќи камерите од „Сејф сити“ го снимиле настанот пред дискотеката во градскиот парк во центарот на Скопје, а на распит поминале сите лица за кои МВР смета дека би биле од помош во истрагата.
Во меѓувреме, до министерот за здравство, Беким Сали веќе пристигнал извештајот од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Тој сега го чека и извештајот од судска медицина, по што ќе се произнесе, дали во првичните информации кои ги изнесе КАРИЛ имало лекарска грешка.
По случајот со ракометарот, на виделина излегоа слабостите на Државниот пазарен инспекторат – Како инспекторите дозволиле дискотеката да работи без лиценца.
Дискотеката пред кој до смрт беше претепан хрватскиот ракометар Денис Тот ДПИ ја затвори поради немање дозвола од февруари, откако неколкупати се обиделе да им дадат решение. Од инспекторатот за ТВ24 велат дека има повеќе дискотеки и ноќни клубови кои немаат лиценци и истите веќе се мапирани.“
Директорката на инспекторатот, Анета Симеска, пак за ТВ24 тврди – Присилното затворање на дискотеката не е поврзано со убиството, бидејќи немањето лиценца веќе било нотирано од страна на надлежниот инспектор.
„На вчерашната постапка на ДПИ и претходат и неколку предупредувања. Надлежниот инспектор три пати испрати решение до дискотеката, како што предвидува и законот, но откако не ги примија, следеше вчерашното присилно затворање на дискотеката.“ - Анета Симеска – Директорка на ДПИ.
Инспекторите веќе имаат информации кој објект во кој град има или нема лиценца, но е процес кој подолго време се води. Сепак, со лиценцата не може да се гарантира безбедноста на објектот, бидејќи со неа се предвидени условите за работа, а за безбедноста гарантира самиот објект со ангажираното надворешно обезбедување.