Кои се новите членови на историската комисија?

Пред три години си даде оставка од историската комисија со Бугарија, а сега стана нејзин претседател. Професорот Ванчо Ѓорѓиев е новиот шеф на Комисијата за историски прашања со Бугарија.

На затворена седница, Владата го избра вчера човекот кој пред три години, како член на Комисијата, тврдеше дека имал политички притисоци, па ја напушти. Во новиот состав нема место за досегашниот претседател, Драги Ѓорѓиев, кој седум години го водеше тимот и за кого премиерот Мицкоски рече дека не ги штител доволно националните интереси. Ѓорѓиев денеска одби да даде изјава, најавувајќи за утре писмен став од сите сменети членови на историската комисија.

Во телефонски разговор за ТВ 24, тој го повтори она што и претходно го зборуваше, дека ова е политичко мешање во работата на комисијата.

„Комисијата не е политичко, туку експертско тело. Сепак, повеќе детали ќе соопштиме утре, кога ќе излеземе со соопштение. Во однос на мотивот за оставката на сегашниот претседател Ванчо Ѓорѓиев, тој тогаш не наведе политички притисоци, туку наводно биле погазени некои црвени линии во работата на комисијата. А Комисијата на таа седница, не донесе никакви одлуки.“

Во комисијата повеќе не е член ниту историчарот Петар Тодоров. Во телефонски разговор за ТВ 24 и тој рече дека утре ќе лиферуваат соопштение, во кое ќе го изнесат својот став околу смените. 

Во новиот состав на Комисијата кој вчера го избра Владата е уште еден нејзин поранешен член - историчарот Александар Литовски, кој во историската комисија беше од 2018 до 2020 година. Литовски е познат по тоа што во Институтот за национална историја каде што е вработен, ја истражува новата историја. Од овој Институт доаѓаат во новиот состав уште и историчарите Митко Панов и Димитар Љоровски.

За пеглање на историските прашања со Бугарија ќе се грижат уште професорот по историја од Филозофскиот факултет Никола Минов, историчарот Бесник Емини од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје и доцентот од Институтот за историја на Филозофскиот факултет Сашо Додевски.

Комисијата беше формирана во 2017 година откако Македонија и Бугарија потпишаа Договорот за добрососедство. Ја следеа чести подеми и падови, но и политички искри на релација Скопје – Софија. Заедно со своите бугарски колеги, членовите на двете комисии усвоија препораки за заедничко чествување на Кирил и Методиј, Наум Охридски, Климент Охридски и Цар Самуил и пет препораки за измени во учебници во Македонија и во Бугарија.