„Кога би насликал зборови“ – групна изложба на академски ликовни уметници од Општина Карпош
Во Галеријата на Детскиот ликовен центар при Кинотеката на Република Северна Македонија, во четврток, на 30 октомври 2025 година, со почеток во 19 часот, ќе биде отворена групната изложба со наслов „Кога би насликал зборови“.
На изложбата ќе учествуваат единаесет академски ликовни уметници од општината Карпош, кои преку своите дела ќе ја истражат врската меѓу зборот и визуелниот израз. Експозицијата претставува спој на различни стилови, поетики и уметнички визии, низ кои авторите го преточуваат јазикот во боја, форма и композиција.
Секое од изложените дела претставува лична интерпретација на прашањето „Што би се случило доколку зборовите добијат свој ликовен идентитет?“, нудејќи уникатна визуелна поезија и простор за ново естетско доживување.
Настанот има за цел афирмација на уметничката сцена на општина Карпош, која е и покровител на изложбата, како и поттикнување на креативната енергија што произлегува од оваа средина.
Организатор на изложбата е Детскиот ликовен центар, кој преку својата галерија обезбедува простор за промоција и поврзување на уметници од различни генерации.
Изложбата „Кога би насликал зборови“ ќе биде отворена за јавноста од 30 октомври, а љубителите на уметноста се поканети да ја посетат и да уживаат во делата на талентираните автори.

