Кофинансираните специјализанти бараат регулирање на работниот однос

„И ние сме лекари“, „И нас повеќе нема да не има“, со вакви транспаренти кофинансираните специјализанти денеска протестираа пред министерството за здравство. Бараат трансформирање на работниот однос од определено на неопределено време, со што и тие би добиле покачување на платите како и останатите здравствени работници.

„Нашите договори се на определено време до завршување на специјализација и после преминување на неопределно време. Во меѓувреме земаме просечна плата на ниво на држава, што е 24.000 денари и која што во однос на останатите плати на медицинските лица е многу пониска. Истовремено сами кофинансираме специјализација што е исто така зависно од степенот на кофинансирање и кај некои достигнува и до 80% самостојно плаќање, а од друга страна имаме исти договори како и државните специјализанти, на кои државата 100% им ја плаќа специјализацијата, а ние исто сме обврзани како нив да плаќаме. И тоа кај нив се промени, а кај нас остана исто.“ - вели д-р Сандра Цилевска – специјализантка.

Здравствените власти веќе формирале работни групи, но тие допрва треба да почнат да бараат решение и да видат дали воопшто има можност Законот за здравствена заштита да се промени за и оваа група на специјализанти да добијат повисоки плати и договори на определено време.

„Министерството за здравство има слух за барањата на кофинансираните специјализанти и се бара механизам за подобрување на нивниот статус. Веќе се договорени да почнат работни групи да работат на решавање на оваа ситуација, но тоа треба да биде во соработка со Фондот за здравство и најверојатно со пратениците со цел да се види каква е можноста Законот во тој дел да се промени. Откако следната недела ќе ги собереме сите информации ќе имаме и детална динамика како и кога ќе може да се изнајде решение.“ - велат од Министерство за здравство.

Специјализантите велат дека тие уште уште пред да се усвојат последните измени во Законот за здравствена заштита сами изготвиле и доставиле до властите предлог правно решение, но тврдат дека од кога го доставиле до ресорното министерство, не добиле никаков повратен одговор. Бараат од здравствените власти конкретни датуми и решенија.

„Одлуката за овој протест не е донесена во еден миг. Морам да потенцирам дека таа потекнува како резултат на претходни повеќекратни средби и неможност да наидеме на разбирање за решение на нашите проблеми кои потекнуваат од договорот за вработување. Досега остваривме неколку средби и навистина се надеваме дека Министерството за здравство ќе најде решение.“ - вели Филип Наумовски - специјализант.

Станува збор за 120 кофинансирани специјализанти. Оваа група на лекари дел од специјализацијата ја плаќаат сами, а дел им ја плаќа државата, поради што тие не беа опфатени со почетокот на исплата на приватните специјализанти која оваа власт за прв пат ја овозможи лани.