Кочанско поле повторно е во пламен - ноќеска гореа запалени стрништа

Стрништата во кочанско повторно во пламен. Гореа десетина хектари ожнеани ниви и половина хектар лозје. Во гасењето учествувале тринаесет пожарникари и уште толку доброволци.

Успеале да спасат викенд куќа во атарот на Кучичино, но и огнот да не се прошири кон соседните села.

„Интрвениравме на неколку локации во исто време. Вчера имаше таква ситуација екипите да се во околните села, а да се појави пожар во централното градско подрачје ќе нема кој да го гаси. Сепак успеавме да се справиме, благодарение на нашите волонтери„-изјави Влатко Јефтимов, од ТПП-Кочани.

Земјоделците не се откажуваат од традицијата и покрај советите од агрономите. Бидејќи со огнот се унишуваат микроорганизмите што го подобруваат квалитетот на почвата тоа предизвикува  зголемена употреба на ѓубрива, се загадува воздухот, а во неповрат одат и птиците кои живеат во полињата и барите.

Палењето стрништа е сериозен проблем. Лани на истокот изгореа над 1000 хектари  од кои половината беа неожнеани ниви и овоштаранци. Државата немоќна и без стратегија. На терен нема доволно инспектори, казните се мали.

Најчесто се против непознат сторител. Иако со години се најавува се уште се размислува да се пресликаат искуствата од други земји и оние што ќе запалат стрниште освен што ќе добијат високи  казни да останат и без државни субвенции.