Кочанската фабрика за хартија добила решение за да ја прилагоди опремата за пречистување гасови
ПМ честички и јаглероден диоксид над количините предвидени со „А“ дозволата емитувала во воздухот кочанската фабрика за хартија „Пејпер Мил“. Наместо метан, користеле пелети, но така воздухот се загадувал повеќе од дозволеното.
Тоа го констатирал контролниот инспекциски надзор од Државниот инспекторат за заштита на животната средина. Фабриката добила забрана да користи пелети се додека не се направи прилагодување на опремата за прочистување на воздухот што фабриката веќе ја поседува.
„Фабриката доби решение да се направат извесни технолошки подобрувања на котелот за пелети. Таа во моментот не работи и ние сме во интензивна комуникација со нејзиното раководство тие технолошки подобрувања да се направат побрзо бидејќи од таа фабрика зависи егзистенцијата на многу семејства“, вели Ана Петровска, директор на Државен инспекторат за заштита на животната средина.
За да го намали аерозагадувањето, општина Кочани од лани почна со субвенции за граѓаните за набавка на печки на пелети и клими, а од денес и сама реши да го мери квалитетот на воздухот. Ќе постави мерни станици на повеќе локации.
„Во наредните три дена ќе го мериме аерозагадувањето на повеќе локации во градот. Цел ни е да ги лоцираме точките каде имаме најголема загаденост, но и да добиеме реална слика каков воздух се дише во градот. “ вели Николчо Илијев, градоначалник на Кочани
Колку и дали фабриката го труела Кочани во изминатиот период, не може со сигурност да се каже бидејќи досегашните мерења на гасовите од фабричкиот оџак ги правела лабараторија што не била акредитирана за таа постапка.
Од инспекторатот тврдат дека е почната и изградбата на пречистителна станица за отпадни води што според добиената дозвола фабриката требало да ја заврши најдоцна до 2019-та. Против загадувањата од фабриката за хартија досега се организираа и три граѓански протести.