Кочани град на духови, кочанци без надеж дека градот и животот во него некогаш ќе се опорави
Утре навршува еден месец од кобниот 16ти март. По ужасната трагедија во Кочани сликата е трогателна, мрачна и тешка. Цел град тагува по жртвите, но мислите и молитвите им се кај повредените, со желба за побрзо закрепнување.
Длабока тишина и тажни лица можат да се забележат низ градските улици, а многуте некролози останаа да сведочат за катастрофалната трагедија што го погоди истокот на државата.
Само неколку дена по трагедијата, иницијативата „Поддржи го Кочани“ успеа да се организира и веднаш по погребот на настраданите започна да собира податоци за донации. Од таму велат дека хуманоста на граѓаните досега била на високо ниво, но борбата за овие луѓе не завршува. Донациите, солидарноста и поддршката ќе бидат клучни и во наредните месеци за да им се помогне на настраданите да се справат со предизвиците што допрва ги очекуваат.
Од Министерството за Здравство велат дека состојбата со повредените од пожарот во Кочани е иста како од вчера. Односно, според последните информации во Болниците во Скопје се лекуваат девет пациенти и сите се во добра и стабилна состојба. На лекување во странство остануваат 47 пациенти, еден вчера се врати од Унгарија, а од хоспитализираните во странство, двајца и понатаму се во критична состојба.
Но, колку време ќе му биде потребно на градот за да се справи со трагедијата е прашање кое барем засега нема одговор, а дали некогаш Кочани ќе воскресне, останува да видиме.