Кочанчани повторно на протести против Пејпер мил

Кочанчани повторно на протести против Пејпер мил. До петок секое попладне по два часа ќе протестираат пред капијата на фабриката за хартија.

Велат воздухот околу фабриката мириса, оџакот чади премногу, особенно во вечерните часови и за викенд. Според нив институциите молчат, па тие заштита ќе бараат во Стразбур и странски амбасади. 

Активирањето на протестите е по повеќе од една година. Тогаш по налог на Државниот инспекторат за животна средина фабриката мораше да стави нов филтер. Плаќаа и казни од 20.000 евра, а а беа задолжени да го сменат горивото од пелети на метан. Сега високите цени ги натерале да се откажат од метанот.  

Граѓаните велат не сакаат фабриката да се затвори туку да се врати на метан. Решени се ако овие предупредувачки протести немаат ефект, ќе организираат поголеми. Се чека и одговор од Основното обвинителство во Кочани, откако по налог на Вишото обвинителство во Штип мораше повторно да ја отвори истрагата по пријавата на невладината „Грин орг“, зад која застанаа 700 граѓани со своите потписи.

Со пријавата се бара да се утврди одговорност за последиците од аерозагадувањето на оваа кочанска фабрика за хартија.