Коцевски: Обвинение за полицајците од „Пулс“ во декември
Судскиот процес за пожарот во кочанската дискотека Пулс почнува следната недела. Со цел да се обезбеди ефикасно и непречено судење, Јавното обвинителство го зајакнува тимот. Републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, денеска нагласи дека во судницата обвинението ќе го застапуваат истите обвинители, но дека ќе ангажираат и уште неколку дополнителни.
А истрагата за полициските службеници, која беше предвидено да заврши до крајот на септември годинава, поради објективни околности околу сослушување на одредени сведоци, Коцевски изјави дека најверојатно на почетокот на следниот месец ќе се донесе јавнообвинителска одлука. Додека пак, во однос на предистрагата за службениците од УЈП, Коцевски рече дека се води предистражна постапка во ОЈО Кочани и надлежниот јавен обвинител дал напатствија и наредби за преземање на одредени процесни дејствија.
И Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе ја следи судската постапка која ќе започне на 19ти ноември во судницата на Казнено-поправната Установа Идризово. Комитетот ја повикува судската власт да обезбеди јавна, правична и непристрасна постапка.
ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА
- Комитетот ја повикува судската власт да обезбеди јавна, правична и непристрасна постапка, целосна одговорност за сите кои со своите постапки или пропусти придонеле за трагедијата и заштита на достоинството на жртвите и нивните семејства во текот на процесот.
Комитетот ја изразува и својата поддршка на семејствата на загинатите кои во сабота, на 15 ноември најавија Марш за правда во Скопје, кој ќе почне на Плоштад Македонија и потоа преку Собранието ќе заврши кај Основниот кривичен суд. Граѓанскиот активизам и мирниот протест се легитимни форми на изразување на незадоволство и на потсетување дека правдата не смее да биде одложена, подвлекуваат од таму.

