Коалициски односи СДСМ – ДУИ

Се крши ли коалицијата пред избори меѓу СДСМ и ДУИ. Потпретседателот на Социјалдемократите, Мухамед Зекири јавно се спротивставува на сојузот со интегративците за следните предвремени парламентарни избори. Но неговиот претседател, Заев, пак, вели дека со ДУИ биле партнери кога се носеле најтешките одлуки за државата и дека во СДСМ има луѓе кои сакаат коалција со нив. Различните мислења покажуваат дека во партијата има демократија, вели Заев.

„Мухамед Зекири не првпат кажува дека не сака коалиција со ДУИ, но во СДСМ има луѓе кои сакаат. Исто и во ДУИ има што не сакаат да коалицираат со СДСМ. Најсатирично е што на крајот граѓаните кажуваат со кого ќе коалицираме на изборите. Затоа велам бројките се неприкосновени, тие ќе ја одредат идната коалиција“, рече Заев.

Али Ахмети, пак, вели дека Зекири не е легитимен претставник за ставовите на СДСМ. Коалицијата е стабилна и лидерите често одржувале средби. 

Демократската унија за интеграција е формирана во 2002 година, три месеци пред одржувањето на парламентарните избори, од јадрото на ОНА, која во 2001 започна вооружен конфликт против власта во Македонија. Од тогаш се профилира како најголема партија помеѓу партиите на етничките Албанци и коалицира со власта, без оглед дали таа е предводена од СДСМ или од ВМРО-ДПМНЕ. Од формирањето во 2002 до сега ДУИ само две години не била во Владата. Со власта е цели 15 години. Според завршните сметки, партијата располага со имот вреден 4 милиони евра.